Заслужен новинар

Натпреварот за титулата заслужен новинар продолжува и покрај тоа што бројот на пишаните медиуми опаѓа, а ептен заслужните новинари, колаборанти со претходната власт, се под истрага за коруптивни дела, а некои медиумски магнати се прикриени во посигурна (ЕУ) средина.

744

Во поранешниот СССР постоеше државна титула „заслужен“ уметник,„заслужен“ мајстор на спортот, која се доделуваше на  најеминентните уметници и спортисти кои ја пронесуваа славата на водечката сила на нереалниот социјализам, кој ја поврати славата на раскошниот феудализам. Сега во намалената империја се воведува нова титула „заслужен новинар на Руската Федерација“, веројатно со критериуми чисто професионални, ослободени од идеолошката матрица, која во поранешниот СССР беше појдовна основа да се добие секако заслужената титула.

Во нашиот сепак сиромашен медиумски простор во периодот на самостојна Република Македонија, во периоди на сите досегашни влади дузина новинари би конкурирале за титулата заслужен новинар. Но, ние се одлучивме за една социјална категорија – национална пензија доделувана дури и за заслужни кафански, извинете, естрадни уметници, заслужни за националниот идентитет. На нашите новинари не им се доделуваше таква титула официјално, макар што мнозина беа апологети на власта. Не дека не беа наградувани, но останаа без титулата „заслужен новинар“.

Традицијата продолжува. Натпреварот за титулата заслужен новинар продолжува и покрај тоа што бројот на пишаните медиуми опаѓа, а ептен заслужните новинари, колаборанти со претходната власт, се под истрага за коруптивни дела, а некои медиумски магнати се прикриени во посигурна (ЕУ) средина.

Инстинктот на хиените

Со неверојатна леснотија на хиенски инстинкт новинарите се нафрлуваат на актуелната тема, особено домашна, бидејќи за анализи на меѓународните настани потребно е време, кое нестрпливите новинари обично го немаат, па се обраќаат на „анкл Гугл“ или „мадам Википедија“ порaди недостиг на специјални известувачи од странство, односно известување во живо, што е причина  новинарите да се задоволaт со домашните сплеткарски, политички, партиски и останати дребулии, посебно во ситуации кога од меѓународната заедница добиваат јасни сигнали да се стават на една или друга страна во зависноста на интересите, не на македонскиот народ туку сопствените, бидејќи нив не ги интересира народ туку територија, а домашната власт бира заслужни новинари, третирајќи ги како маши во вадењето костени од оган. Се извинувам за ова прустовска простопроширена реченица, за која се определив поради деликатноста на моите изнесени, секако не баш точни опсервации. Но,сочиненијата на заслужните новинари ги потврдуваат изнесени оценки. Се разбира дека во изминатите  речиси триесет години независната држава имаше заслужни новинари, чијшто новинарски кардиограм перманентно покажуваше одмерени отчукувања на ритмот на настаните и пулсот на демократијата.

Одамна ни е познато, а и на меѓународната заедница, дека ВМРО не е партија туку организација што се гледа и во акронимот на целосното име, а и од нејзиното дејствување. Истурената фаланга на оваа партија во растурање прави очајнички потези. Без голема потреба, а (не)свесни дека само им прават услуга на партијата која исчезнува, заслужните новинари секојдневно се трудат да ја дотолчат ранетата ала, изнесувајќи факти на сите познати, дури и на меѓународната заедница, беспотребно, при тоа, го прејудицираат степенот на инволвираност на одредени големи сили во македонски работи, често и во контекст на ситуацијата во регионот. Македонската салата одамна е на менито на големите сили. ВМРО е немоќна. Треба да се заборави, а не да се оживува. Заслужните новинари треба да отвараат нови хоризонти.

Втората тема за која заслужните новинари имаат ноќна мора е новото име на Република Македонија и апокалиптичната опасност доколку  референдумот на успее. Нема ден, нема медиум чии што заслужни новинари не ја поддржуваат, не без причина, коалициската влада на Република Македонија на чело со премиерот Заев, која во двоецот со влијателен кормилар робустно весла кон Брисел, односно кон НАТО и ЕУ. Тоа е готова работа. Договорот со Грција не би се потпишал да не е се договорено. Претстојните посети, после онаа на диседентката од ЕУ, анлиската премиерка Меј, на германската канцеларка, премиерите на Канада и Шпанија, конечно ќе ја дотепаат троглавата ала и со помош на Господовата милост, како што милува да глаголи премиерот Заев, на 30 септември, денот на светите маченички (Вера, Надеж и Љубов) конечно ќе не огрее сонцето на слободата. Што ќе правиме после тоа, бидејќи ќе немаме опозиција, а и тимовите за преговори со ЕУ не ни се уште подготвени, амбасадите празни во секоја смисла на зборот, макар што имаа време од четврт век тоа да го направат?

Заслужни и во невладиниот сектор

На заслужните новинари можат да се приклучат и заслужни активисти од тнр. невладин сектор (демек, не примаат пари од владата) подеднакво застапени во медиумите, а и стандардните заслужни аналитичари. На овие последниве како да не им беше јасно дека по приемот на Република Македонија во ООН со кршење на Повелбата на ОН, дека нашата држава тешко ќе може да го задржи уставното име. Ние избравме погрешна тактика и сегашниот резултат е најмногу што можевме да добиеме. Всушност, не само што ништо не изгубивме туку поентиравме и, се разбира, со Божја помош, синтагма која теистичкиот социјалдемократски премиер не пропушта прилика да ја изговори.

Владата на премиерот Заев стратешки не направи никакви грешки на меѓународен план. И јас би конкурирал за титулата „заслужен хроничар“, доколку сега би ги објаснувал јасните успеси. Повеќе би се определил за внимателно следење на настаните после Референдумот, посебно на дипломатските чекори кои во изминатиот мандат на оваа влада не беа секогаш  одмерени, односно направивме повеќе неизнудени грешки, меѓу кои и протоколарни, но за среќа освоивме доволен број поени, а  посебно е импозантен бројот на асовите, кои опозицијата не можеше да ги врати. Поради тоа се закопа (опозицијата) во рововска борба предводена од врховниот командант на вооружаните сили, кој е последна барикада Бастиља да падне. После тоа ќе добие претседателска пензија, канцеларија, возач, обезбедување  и ќе може да се посвети на омилената му тема – разумен компромис, што ќе биде посебно тешко бидејки авторот е неразумна индивидуа.

Претседателот Иванов не потпишува усвоени во Собранието закони, но потпиша неколку укази за идните амбасадори во неколку држави, меѓу кои и во една мошне влијателна. Можеше и да не ги потпише. Македонија ништо не би изгубила. Грешките од минатата власт се повторуваат. Малите држави немаат право да прават кадровски грешки, посебно кога станува збор за именување на амбасадори. Тие не се дистрибутери на желбите на претседателот на државата кој им дава укази или ги отповикува, ниту на владата и макар што се резултат на коалициски компромис. Тие не се дистрибутери на желбите на поединците кои таму ги испратиле, туку огледала на нашата сегашност и проекција на нашата иднина. Само во тој случај ќе бидат баран партнер со секогаш тривијално љубезните домаќини. Се надевам дека во иднина нашите амбасадори нема да бидат такви огледала, како она познатото на Оскар Вајлд од „Сликата на Доријан Греј“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...