Иднината на овој медиум, кој започна со емитување програма на 29. март 2018 година и за само една година и пол, се потруди да внесе свежина во етерот, е доведена во прашање. Со оваа информација го завршуваме централниот дневник и ви велиме засега довидување, рече Елена Џугуманова, која го уредуваше вечерашниот централен дневник на телевизијата 1, чии вработени од денеска се на колективен принуден одмор, а претходно заедно се фотографираа.
„Вечерва, 24.07.2019, можеби беше и последниот Дневник кој го гледавте на 1ТВ. Најголемиот удар кој новинарството може да го доживее е згаснување на еден медиум. Згаснување на јавен простор, за што веруваме дека никому не оди во прилог, особено не на државата која е пред портите на НАТО и ЕУ, односно највисокото ниво на демократски вредности.
Денеска, исправени пред предизвикот на овие тешки две недели за телевизијата, соочени сме дури и во вакви услови да не отстапиме од објективно и професионално известување. Тимот на 1ТВ ги почитува сите новинарски стандарди и известува непристрасно. Гледачите беа сведоци дека 1ТВ ги изнесе сите информации во јавноста, дури и во услови кога иднината на телевизијата е загрозена. Сепак, случувањата поврзани со Бојан Јовановски, влијаат и на медиумот“, се наведува во обраќањето од телевизијата.
„Да се надеваме, дека ова не е одјава, туку свеж почеток за рестартирање на 1ТВ“, нагласуваат од телевизијата.
Фото: 1ТВ