Екипи на Градот Скопје денеска засадија нови дрвја на три локации, и тоа кај Камениот мост, во Ѓорче Петров и во паркот во Чаир. Засадени се над 50 висококвалитетни повеќегодишни садници.
– Продолжуваме со пролетната акција за зазеленување на градот, овој пат на три локации. На потегот меѓу Камениот мост и Музејот на македонската борба засадуваме дваесетина висококвалитетни повеќегодишни садници од видот јасен. Дрворедот што постоеше на оваа зелена површина пред реализацијата на проектот ‘Скопје 2014’ беше уништен и заменет со прескапи палми чија судбина е добро позната во јавноста. Ние зедовме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило кое претходната власт го уништуваше каде што ќе стигнеше, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило – рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
По завршувањето на пролетната акција за садење нови 2.000 дрвја, Градот Скопје со активностите за засадување садници ќе продолжи наесен, кога ќе бидат засадени нови 8.000 дрвја. Со тоа Скопје оваа година ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници.