Заробен субјект

532

Сепак, од друга страна, некој може да каже дека тоа и не е баш работа на премиерот. Ок, ама чија е? Чија работа би било посочувањето на скандалозното однесување на судско-обвинителскиот корпус во оваа држава со највисок можен степен на криминалност, коруптивност, неетичност во нивната работа?

Се разбира дека тоа е работа и на премиерот, кога веќе ниту една од надлежните институции не се огласува односно е слепа и глува за тие прашања! Но, моето прашање е друго: дали премиерот вака ќе се појавува во јавноста и за сите други скандалозни и сѐ уште присутни „тврдини“ на „заробената држава“ во македонскиот систем? Или, уште поконкретно: дали премиерот во иднина ќе треба да не потсетува и на неморалот на „заробениот субјект“ во оваа Македонија, кој де факто е основниот двигател на нештата во општеството, позитивни или негативни? Зашто, нели, институциите сами по себе се мртви објекти коишто само фигуративно се заробени.

Во оваа држава прислушкувањето не го вршеше МВР (или МВРО, како што популарно се нарекуваше) туку луѓето внатре во МВРО-то! Виталните случаи не ги застаруваат македонските судови туку неморалните и криминалните судии и обвинители во тие судови! Односно оние кои суштински се заробени во сопствениот неморал, криминал, нечинење односно скандалозно чинење се субјектите во институциите, особено оние на раководни места. Ако тие се заробени – а сѐ – што тука може да направи премиерот лично, или кој и да е? Конечно, ние сите упорно говориме за потенцијалниот криминал и во СЈО, ама и тоа е воопштување зашто, ако имало потенцијален криминал со бонусите, и тој има – име, нели?

Добро, да, може, во крајна линија, односно (повторно) постапувањето тука зависи од цел сплет на постапки/потези коишто суштински зависат од политиките односно постапките/потезите на власта, во случајов на Владата. Или, како што потенцира Калајџиев, ако државата го остава во Стразбур човекот за кого овде велат дека е творецот на дисфункционалниот судски систем, е па извинете … И тука премиерот, и не само тој – иако сите други вешто се кријат! – може и мора да реагира. Ама не со видео обраќање, туку – со дело! Но, јас сега говорам за личниот неморал, неетичност, некомпетентност, нестручност … во македонскава држава инсталирани (не само) во времето на бившиот режим и „негувани“ секоја проклета година, секој месец, секој ден, одново и одново, почнувајќи од врвовите, од Уставниот суд, МАНУ, Универзитетот … па надолу.

И кога го гледате тоа и такво однесување, коешто понатаму се простира до речиси секоја ситуација во општеството, што може тука премиерот да стори? Секој ден да има по десет видео обраќања и да ги посочува сите заробени субјекти во државава? Не мислам дека токму Македонија е најнеморалната држава во светот, или во регионот, дека е најкриминална или најкорумпирана (иако за ова, велат, има многу докази!). Ама кај нас, бидејќи сме мала територија со мал број луѓе, како да се сконцентрирал сиот неморал, сиот криминал од светот. Тоа, секако, е лажна претстава којашто некогаш е и намерно подгревана од медиумите. Ама она што е точно е дека кај нас нема вистинска борба против неморалот, корумпираноста, неспособноста, кај нас нема широка општествена акција контра ова зло. Дури напротив, нештата ни се повторуваат како перпетуум мобиле, како да нема сила, лична или општа, што ќе ја сопре.

И не е тука проблем само судско-обвинителската фела, туку тоа можеби е заради фокусот на јавноста врз истата, додека здравството, образованието, културата, науката … чекаат да дојдат на ред. А додека дојдат, гнилежот таму ќе го разјаде целиот систем, односно она што останало од него. А останало малку, како што де факто останале и малку поединци/субјекти кои можат барем да посочат на кризните жаришта. Зашто, бројот на заробени субјекти рапидно расте наместо да опаѓа! И тоа е уште еден горлив проблем кој мора јасно и гласно да се посочи. Една заробена номенклатура се дополнува со други, нови, повторно етно-политички и повторно неморални, некомпетентни, нестручни, неспособни.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...