Запрени градежните активности кај парк шумата Гази Баба

404

Инспекторатот на Град Скопје, инспекциските служби на Општина Гази Баба и СВР Скопје, вчера и денеска ги идентификувале потенцијалните инвеститори, кои започнале градежни активности во парк шумата Гази Баба, по што сите градежни зафати се стопирани.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска информира дека сопствениците на локацијата ќе бидат повикани на информативен разговор.

– Од понеделник ќе издадеме задолженија во рок од три дена да биде отстранет песокот што е нанесен, во спротивно песокот ќе го отстрани ЈП „Улици и патишта“ на сметка на сопствениците – изјави Шилегов, кој денеска заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски посетија дел од булеварот „Александар Македонски“ каде е во тек акцијата за чистење на јавниот простор и улиците на општината.

Градоначалникот Георгиевски информираше дека во парк шумата Гази Баба има голем интерес за градежни активност од страна на Бутел, Чаир, Автокоманда или Железара и нагласи дека ова подрачје од 120 хектари е заштитено со закон и ќе остане за зеленило, спорт и рекреација.

– На инвеститорот кој се наоѓа на почетокот на булеварот „Коце Металец“, од левата страна после Ветеринарниот институт, вратена му е земјата со денационализација, но нема никаква дозвола, ниту може во наредниот период да планира какви били градежни активности во овој реон – дециден е градоначалникот на Гази Баба.

Тој информира дека надлежните служби вчера и денеска на лице место ги затекнале машините кои извршувале градежни работи, а утре состојбата ќе се врати во првобитната состојба на трошок на инвеститорот.

– ДУП за Железара строго дефинира дека таму не можат да постојат градежни активности во било која смисла, а посебно во делот на градба на паркинзи или други градежни активности – рече Георгиевски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...