Започнува петтиот по ред „Родум од Македонија“

184

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) денеска информираа за проектот „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) и го означија почетокот на тринеделниот студиски престој на деветтемина студенти од САД, Канада и Австралија во државава.

Анастасија Стојчев, Дона Тодоровска, Ерин Велоф, Еван Ничов, Никол Крингс, Кејли Велоф, Лука Петрушевски, Марија Аневска и Стефани Таскова ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси.

Праксата ќе ја обавуваат во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, во Кабинетот на министерот без ресор задолжен за дијаспората, во СОС Детско село, во Центарот за психотерапија и едукација, во Ефект плус, во Бизнис акцелераторот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во компанијата Еуро БПО и во организациите: Институт за демократија „Социетас Цивилис“, Скопје и Македонската асоцијација на млади правници. За време на нивиот престој, тие ќе живеат со семејства-домаќини. МЦМС се погрижи да ги организира и дополнителните активности за време на викендите кога студентите ќе можат да ги посетат значајните културни манифестации што ќе се одвиваат во тој период.

Проектот е осмислен и развиен од Питер Далас, член на Советот на ОМД кој е роден во САД, а има потекло од Гевгелија и од Егејска Македонија. Причината за почнувањето на овој проект е неговата загриженост од слабеењето на врските на граѓаните со нивните корени.

„Родум од Македонија“ започна во 2015 година и ова е петта година од неговото спроведување. Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во нашата земја „неверојатно искуство“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...