Протестот на обединетата албанска опозиција почна тензично, кога дел од учесниците се обидоа насилно да го пробијат полицискиот кордон пред Парламентот во Тирана.
Судир со полицијата пред Министертвото за внатрешни работи имаа и жителите од населбата „Астир“, кои протестираат веќе четири месеци, бидејќи нивните домови треба да се урнат поради изградбата на големата обиколница во Тирана.
Покрај повеќето од 1.300 полициски службеници, дополнително се ангажирани припадници на единицата за брза интервенција и специјалната единица „Шќипоња“. Полицијата е подготвена да употреби водени топови.
По пристигнувањето на лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша состојбата е малку помирна.
Во тек е обраќање на поранешните пратеници пред илјадници насобрани поддржувачи на опозицијата и граѓани.
Во меѓувреме албанскиот премиер Еди Рама со автомобил од неговото обезбедување мина низ демонстрантите, кои извикуваа „Рама од си“, како и други навредливи зборови, а имаше и неуспешен обид да се попречи движењето на возилата.
Во Парламентот се одржува пленарна седница, на која заклетва даваат нови пратеници од опозицијата.
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA