Што, всушност, имаат заедничко спомнатите погоре, па и јас во тоа друштво? Заев, Петрит, оние 250 потписници и мојата дребност? Речиси ништо. Или многу, зависи од аголот на гледање. Петрит, на пример, случајно работи во истата „шампита“ со Заев, јас случајно го знам Петрит – по добро, се разбира, случајно или „службено“ се познавам и со многумина од оние потписницине меѓу кои неколкумина ми се навистина драги пријатели, Заев сум го видел одблизу само еднаш… Затоа, што навистина имаат заедничко овие луѓе? Ќе почнам по случаен редослед при што на Петрит ќе му дадам предност бидејќи мислам дека сите нѐ притиска истиот проблем, иако во навидум различен контекст. А сепак, некако – ист!
Петрит имено вели – „дел од овие прогресивни луѓе се изморени“. Тој говори за „старата болка“, за вечно „добрите“ и „поштени“ Албанци. Му го разбирам заморот. Контекстот не е едноставен во оваа земја, особено кога долго трае. А кај нас – трае ли, трае… речиси без крај. И никој не презема ништо.
Понатаму, еден дел (сепак мал!) и од оние убави луѓе меѓу потписниците за МКЦ од таканаречената независна културна сцена се изморени. И резигнирани. И разочарани. Тука пред сѐ мислам на оној навистина интелектуален (мал) дел, оној дел кој е постојано во акција, во работа, во преиспитување (не само) на културните вредности на ова општество. Е токму тие се исто така изморени од партократијата во културата на оваа држава, изморени се од неукоста, од потценувањето, од пазарењето секогаш на штета на културата, од нивелацијата на квалитетот, од општиот кич… Можеби со петицијата не го погодија моментот, и поводот? Можеби, не е мое да судам, јас веќе реков дека имам големи резерви кон начинот на кој што тоа се прави, ама заморот влијае и на рационалните проценки. Тие некако стануваат претерано субјективни, touchy (што би рекле), еднонасочни. Не може човек да каже дека се поводливи зашто оние на кои што мислам навистина не се. Или само им барам добро алиби? Се надевам – не!
Со една драга личност меѓу потписниците заедно работевме на текстот на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година. И целосно се согласувавме во сите констатирани состојби и дијагнози за македонската култура кои што, ете, повторно ни се случуваат, во помал или поголем обем. Имавме и исти цели кои што, повторно, стануваат сѐ понедофатливи. Оттука, претпоставувам заморот од континуитетот на не-состојбите, од привидот (или реалноста?) на безизлезот, од неразумното следење на погрешни политики и убиствени за културата потези го прави своето. Дали е тоа и замор од поразите што секојдневно ги доживуваме? Сигурен сум, иако можеби не сакаме да си ги признаеме.
Но, ќе говорам во прво лице зашто токму тука, на овие релации на замореност од реалноста наспроти очекувањата се гледам и себеси и мојата прилично ступидна настојчивост на власта, и не само на власта туку и на културата во целина, или на нејзиниот поголем дел, постојано да им објаснувам и укажувам на грешките – онака како што јас ги гледам и промислувам, се разбира – на потенцијалните исправни и дофатливи потези, на можните варијанти за успешен излез од кризата барем во културата… Заморот – не физичкиот – не може да не се одрази на вкупното расположение, на состојбите на духот, на почетниот оптимизам и елан. И прашањето што постојано ви клечи на рамето: до кога бе луѓе ќе се глупирате?
Дали е тоа што го препознавам и во говорот на премиерот и неговите какви-такви одбрани на донесените решенија? Замор на материјалот, резигнација од стагнацијата во вкупните политики, разочараност од кочењето на реформите, од вкупните состојби во државата кои што не се онакви какви што тој ги замислува(л)? Не знам, но покрај премиерскиот да се нагрбиш со уште еден огромен товар е… како да кажам… малку пресмело, речиси хазардерски, по малку заличува и на самобендисано. Ама ако сте притерани до ѕидот, ако немате друг излез, ако ви се распаѓа визијата што ја носите во себе заради некомпетентноста на соработниците, тогаш ви преостанува ли нешто друго?
И овде најмалку мислам на министерот за финансии – дефинитивно најевропскиот лик во оваа влада, човек без опашки, ненаметлив, рационален, таков каков што доликува за тоа место. Ама не и за македонските финансии во ова време, во оваа Влада. Тоа е евидентно зашто премиерот бара брзи и спектакуларни резултати, нешта налик на „Преспанскиот“. А такви нема и не може да има во тој ресор, или ако ги има може да ја банкротираат државата. Ама не е проблемот тој ресор, проблем се сите ресори во оваа Влада (со мали исклучоци, се разбира)! А премиерот е очигледно заморен од нивната инертност, неукост, провинцијализам… Така некако го „читам“ и (како идентификација) го прифаќам овој негов очајнички обид да спаси што може да се спаси. Ама не разбирам зошто тој не може да ги прочита сличните наши заложби за нашите „ресори“, нашата замореност од истите инертни, неуки, привинцијални „политики“ во општествените сегменти на кои што веќе две години му укажуваме?! Зарем не гледа колку луѓе има кои можат да помогнат, а тој ги избира секогаш погрешните?
Извор: Теодосиевски уметност