Заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи е официјално именуван за почесен конзул на Мексико во Македонија од претседателот на Обединетите Мексикански Држави.
Конзуларните функции на Малиќи се заштита на интересите на мексиканските државјани и организирање бројни активности со цел промовирање на Мексико на полето на трговијата, културата и туризмот.
– Mојата улога како почесен конзул на економски гигант како Мексико во Македонија мислам дека ќе помогне Македонија да се постави на мапата на поголемите пазари. Бидејќи главната амбасада на Мексико е со седиште во Белград и ги покрива Србија, Босна, Црна Гора, Косово и Македонија се надевам дека ќе постигнеме да бидеме поприсутни на овој голем пазар, а со тоа ќе го зголемиме и извозот од Македонија – изјави Малиќи.
Инаку, Малиќи е познат македонски бизнисмен, актуелен заменик-градоначалник на Скопје и советник на листата на ДУИ. Тој е сопственик на групацијата „Гемак трејд“, која ги вклучува компаниите „Gekos group“ во Косово, резиденцијалниот комплекс „Парк Резиденс“ како и хоспиталити групацијата “Parkland Hospitality Group” на која припаѓаат веќе добро познатиот и реномиран хотел „Парк Хотел и Спа“ како и најновиот член на семејството „Next Door Park“ хотел.