Замаглените хоризонти на нашите копнежи

И, наместо општонародна катарза и системско реформирање и опоравок од фашистичката диктатура, 2018 ни донесе дневнополитичка прагма, и некоординирано „снаоѓање“ на купиштата раздробени државни органи и институции, што претходно функционираа „како машина“ во строго пирамидалниот и субординиран авторитарен поредок.

621
grcev

И погледот наназад, во минатото, како и погледот во непроѕирната иднина, секогаш не ставаат во невозможна ситуација, зашто ние – човечкиот вид – не сме во состојба да го сфатиме времето. Затоа, сите обиди да го реконструираме минатото или да проникнеме со поглед низ темницата пред нас, се сведуваат на интроспекции, на очајни средби со самите себе си. Минатото го градиме од заблудите за тоа што сме, а иднината ја предвидуваме низ очилата на нашите желби и очекувања.

И најчесто, погрешните убедувања за сопствениот идентитет и можности, се најодговорните „објективни историски сили“ што доведуваат до неисполнувањето на нашите очекувања. Навистина, што да очекуваме од новата 2019 година, кога 2018 не исполни со тивкиот јад на изневерените надежи, што ни ги истенчи резервите на трпение, разбирање и конструктивен оптимизам? Каде се замаглените хоризонти на нашите копнежи, а каде – во таа проклета несознајна иднина – да ги препознаеме цврстите точки за проектирање на нашите надежи?

Минатата година тешко потфрли безмалку во сите области во коишто го предвидувавме и очекувавме напредокот: во возобновувањето на правната држава, онаа вистинска правна држава што своето постоење го оправдува единствено преку дистрибуција на поредокот и правдата, а најмногу во својата улога на сервис и заштитник на граѓаните.

Ова потфрлување на новата власт го предизвика најголемото разочарување на стотиците илјади граѓани што се чувствуваа силувани, заробени, уценети и заглупавени од единаесет годишното владеење на партиско-мафијашката држава на ВМРО. И, наместо општонародна катарза и системско реформирање и опоравок од фашистичката диктатура, 2018 ни донесе дневнополитичка прагма, и некоординирано „снаоѓање“ на купиштата раздробени државни органи и институции, што претходно функционираа „како машина“ во строго пирамидалниот и субординиран авторитарен поредок.

Наместо чистење на фекалните остатоци од злосторничкото ребрендирање на нацијата во центарот на престолнината – и тоа, ребрендирање од модерна, образована и секуларна нација, во потчинета, заглупавена и залудна глутница на кретени што наместо со своите родители се идентификуваат со Алехандро Магно; велам, наместо брзото смкнување на шизофреничната маска, ние ги одгледуваме фашистичките споменици и другите одвратни злоупотреби на архитектурата, уметноста и јавниот простор, како да ни се дадени лично од единствениот бог свевишни Јахве, со посредство на никој друг до пророкот Мојсеј.

Понатаму, наместо темелно и координирано реформирање не само на правосудниот систем, туку и на целото тоталитарно и криминализирано законодавство, ние талкаме спроведувајќи го слепо наследениот криминален „законски“ поредок на ВМРО, во пародијата што ја нарекуваме „легализам“!

И, конечно, наместо вистинска и сеопфатна обнова и системска реконструкција на граѓанското општество, првата година од новата власт ни донесе политика на континуитет на институциите на државата – истите оние што го „возеа“ жолтиот автобус на вмровската партија-држава – во кои најмоќната сила е инерцијата на бирократијата што својот легитимитет го црпи од сопственото соучество во создавањето и спроведувањето на криминалниот вмровски поредок на „заробената држава“.

Од друга страна, единствените вистински успеси во 2018 беа оние што никој ниту можеше да ги предвиди – па дури и да ги замисли – та, поради тоа, тие ниту беа цврсто вградени во нашите очекувања и надежи. Епохалното решение на грчко-македонскиот спор околу името, блесна како небеско тело што со неслутена енергија влета во нашата застојана и усмрдена атмосфера, засенувајќи ги со светлина нашите изневерени очекувања, осветлувајќи ја иднината толку остро и прецизно, што почнавме и да го мериме времето според датумите и случувањата запишани како пророштво во преспанскиот договор.

Заедно со договорот за пријателство со нашите бугарски соседи – кој беше дипломатска рожба побрза од очекувањата на сите бабици – преспанскиот договор ни го структурира времето, ни ја осветлува иднината, ни дава цврсти референтни точки за анкерување на нашите распарталени надежи, создава треперлива фатаморгана на нашата идна евроинтеграциска благосостојба.

Но, токму таа заслепувачка и нејасна светлинска илузија над хоризонтот, што е повеќе составена од нашите надежи и очекувања отколку од „цврста материја“, токму таа визуелна пајажина од којашто ние ги ѕидаме нашите очекувања од Новата година, ги содржи трите сурови и безмилосни вистини – стапици, во кои е навистина тешко да не се падне. Првата се состои од едноставната и, верувам, секому спознајна вистина дека самото влегување во НАТО и проектираната евроинтеграција, нема и не можат да ни решат ниту еден од нашите внатрешни проблеми со кои сме тргнале на патот кон Европа. Втората е дека ниту една од земјите членки на НАТО, ниту една од членките на Европската Унија, и ниту пак двете семејства на држави, нема да пројави интерес да ги одзатнува нашите септички јами.

Третата е пак, најстрашна: таа се состои од неодминливата автодеструкција што е производ на илузијата дека првите две стапици не се неизбежни и дека решенијата на нашите домашни проблеми ќе бидат решени самите по себе, со нашето зачленување во европските и трансатлантските сојузи. Така што, почитувани читатели, ви ја пожелувам онаа среќа во Новата 2019 година, што ќе ни ја овозможи паметта и одговорноста  да ги обегнеме стапиците кон кои веќе весело и самоуверено газиме.

(Колумна во „Слобоен печат“)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...