Ако во нешто сме импровизатори, а таа состојба на нашиот дух е константа, со предолго траење, тогаш, во секој случај тоа е нашата нерелна дијагноза за состојбите во дијаспората. Чудно, просто неверојатно е колку ни е замаглена сликата за нашите сонародници, расселени по туѓинските меридијани. Имаме, би се рекло, крајно необјективни претстави за мотивните за нивното збогување со татковината. Оперираме со паушалности за нивниот однос кон родната грутка, како и за нивните погледи за состојбите во неа. Сите оценки ни се влечени од ракав, или во стилот на циркуските волшебници кои од празен шешир вадат зајче.
Се присетувам на една анализа, објавена од Ѓорче Петров во 1908 година во Солун, за причините на масовниот гурбетлук на Македонците. Значи, пред еден век и една декада, согледба за нивното бегство од родната стреа. За полнење на бродските корита кои, како отпишан дел од планетарната популација ги истурале по бреговите на американскиот и Зелениот континент, како што обично ја нарекувале Јужна Америка. Тоа е време кога сме немале завод за статистика, ниту наши, македонски матични книги, освен црквените, во кои свештениците ги бележеле имињата на новороденчињата и на венчавките. И на крајот, кој писмен, кој полуписмен, да го регистрираат нивното заминување од овој свет. А сепак, Ѓрче Петров, тој наш корифеј, со импресивно голема прецизност, аналитичност и задлабоченост ги разоткрива мотивите за македонската печалбарска трагичност. И што е воодушевувачко, без многу тактизирања, прстот го вперува директно кон негрижата за човекот на османлиската власт.
Поглед низ извртена призма
Денес имаме своја Влада, свој парламент. Академија на науки. Универзитети, безмалку, колку и фарми за свињогојство и експресно товење бројлери. Имаме општински и месни канцеларии, полициски испостави и Министрество за внатрешни работи. Дал Бог и Завод за статистика. Дваесетина владини и невладени асоцијации, кои се грижат за нашето ментално и физичко здравје. За полниот или празниот желудник. За степенот на образование. Имаме Државна изборна комисија и Агенција за ислеништво. Но, кога треба да се даде одговор, на, во секој случај нашето најгорливо национално прашање – каде ни заминаа нашите браќа, нашите деца, сите тие добро платени делови од македонскиот државен административен апарат, се топтан – гола вода. Или табулараза. Бришана табла.
По осамостојувањето на државата, на нашинците во туѓина, што е краен анахронизам, почнавме да гледаме низ една, би се рекло, извртена призма. Од еден невообичаено погрешен агол. Да ги третираме, не како дел од нашето распарчено, разгромено нацио, туку како бројка, податлива за ефтини партиски калкулирања. Како човечки ресурс за регрутирање кадети во редовите на партиските ешалони.
Овој брутален поход доби во интензитет за време на режимот на ДПМНЕ, под водството на нивниот лидер и премиер, Љубчо Георгиевски. Дипломатските претставници сесрдно работеа, не за градење на поволна политичка клима со земјите во кои беа акредитирани, туку за вградување широка партиска мрежа, посебно на австралискиот континент и во Канада. Се формираа разни комитски формации, задгранични, или прекугранични комитети, војводи и надвојводи. А во времето на Груевски, посебно атрактивни станаа фалангите, кои во некои делови ги потиснуваа активностите на друштвата во кои децениски се градеше и негуваше култот кон македонскиот национално фолклорно богатство.
Нова страница
Сликата за нашинците во туѓина, последниве месеци почна до апсурдни размери да се изострува. Се разгори вербален фронт. Од преку океанот почна процес на оркестрирано канонадирање на критички тонови кон политиката на постојната влада, под лажниот превез, дека тоа е став на комплетното македонско иселеништво, а во суштина, зад тој непријателски и антидржавен потег, се кријат партиски платеници и заштитници на соборената политичка гарнитура. На детрнизирините криминогени персони, кои дел од иселениците ги користат како оржје за спас на сопствената кожа и по цена да се наруши до критични размери стабилитетот на државата и нејзината опстојба.
Оттаму, веќе нема дилеми, оваа политичка гарнитура треба да сврти нова страница. Да ги воспостави разурнатите мостови со нашата дијаспора, што своевремено беа грижливо градени, преку укинатата Матица на иселениците од Македонија, која ги обединуваше расселените Македонци по туѓинските меридијани, од сите делови на македонската земја. Зашто не треба да се заборави дека нашинците се предизвик и за делување меѓу нив на разноразни непријателски ориентирани групации со деклариран екстремен анационален, негаторски и антидржавен предзнак. И не треба да се заборави ноторниот факт дека како круна на се, е нивниот непрегор, нивниот печал, нивната непресушна тага и болка за родната грутка, која и тогаш кога ќе сфатат дека им пресушуваат силите за повторно да ја дофатат, за враќање во неа, ја сонуваат и ја посакуваат нејзината мајчински топла прегратка! До последниот здив, таа е нивна љубов, нивна болка!