Законот на џунглата

1812

Секакво спомнување за минимум регулација на он-лајн медиумите и на порталите наидува на страшен отпор од ЗНМ и од „експертите“ за медиуми, бидејќи на тој начин ќе се загрозела слободата на новинарството.

Да ѝ појасниме на јавноста што е всушност заложбата. Порталите да не треба ниту да се регистрираат, бидејќи тоа бил опасен удар врз слободата на новинарството. Тоа значи, да не бидат регистрирани како медиуми и да немаат обврска ниту да објават импресум (кој е главен уредник, кои луѓе работат во редакцијата). Сѐ што ќе објават да не може да подлежи на демант, ниту на тужба за клевета, бидејќи не се медиуми. Моите искуства на граѓански парници се судиите воопшто да не земаат предвид што е напишано на портал, затоа што тоа не е медиум.

Слободно да објавуваат лажни вести, дезинформации, да се шири говор на омраза (статистички над 80 отсто од говорот на омраза се генерира на порталите), да можат да се крадат вести, да се прават копи пејст на вести и на цели емисии, или да се зема од телевизиските емисии тоа што им треба, често пати од тоа да сеизвади бомбастична вест надвор од контекст.

И да не треба да прашуваат дали воопшто може да се послужат со туѓо авторско право, за да не им ја загрозиме слободата. Никој да не смее да пропише да имаат лектор, минимум технички стандарди, елементарна висина на студио ако сакаат да глумат он-лајн телевизија… 95 отсто од нив лиферуваат купишта видеа, а немаат камери и сниматели. Да не треба да плаќаат дури ни индустриска струја.

Од друга страна, телевизиите да мора да имаат најмалку 100 вработени, студија по пропис, да плаќаат индустриска струја, даноци, ДДВ, да плаќаат скапи авторски права, а на кабелските оператори слободно да оди пиратски контент. На секоја емисија да објавуваат импресум и таа обврска еднаш од 20 пати во денот ако ја пропуштат, да ги казнат. Да има закон за АВМУ од над 100 страници, со најдетални подорбности што смеат а што не, и притоа, во Агенцијата за медиуми да нема луѓе од телевизиите (било конфликт на интереси), туку луѓе од портали или евентуално весници, кои не работеле во телевизија и не ја разбираат работата…

Телевизите да имаат балансирано известување со драконски казни и прилозите да ги мерат на штоперица, за секоја објавена вест да им виси тужба, да не смее да земаат реклама од буџетски средства во било каква форма, па дури и ако емитуваат политичка пропаганда во комерцијално време, и тоа да биде балансирано.

Скапиот контент кабелските оператори да им го пренесуваат бесплатно, а тие за тоа да си наплаќаат. Има уште многу апсурди, дваесет страници не ме расправаат. Тоа е идејата за фер ситуација на пазарот на медиуми. И за вакво статус кво ЗНМ лобира кај странските амбасадори.

Фер, нема што.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...