Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврдува дека Законот за јазиците ќе биде испратен во Службен весник само со негов потпис, а ќе има и образложение дека претседателот Ѓорге Иванов одбил да го потпише и дека го прекршил Уставот за што ќе треба и кривично да одговара.
Џафери додава дека негова обврска е да овозможи спроведување на Законот за јазици, кој со Собранието добил поддршка од мнозинството пратеници, и дека со тоа што ќе го достави до Службен весник само со еден потпис нема да направи прекршување на Уставот. Упатувањето на законот за објавување не е кривично дело, објасни Џафери.
Собранискиот претседател не прецизира кога ќе го испрати Законот за јазици во Службен весник и додаде дека тоа ќе биде негова проценка.
На новинарските забелешки дали собраниските служби, односно генералниот секратар на Собранието, би прифатил закон со еден потпис да достави до Службен весник, според Џафери, тоа е обврска која не може да се избегне.
Прекршување на Уставот, вели Џафери, би било ако тој како претседател на законодавниот дом не овозможи донесениот закон да почне да се применува и во пракса. Џафери, оваа своја намера, ја поткрепува со членот 75 став 1 од Уставот, но и на членот 8, каде се дефинира поделбата на власта, нагласувајќи дека обврска на функционерите е да не ги попречуваат другите институции во нивната работа.
Според членот 75 од Уставот, шефот на државата може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Законот за јазици во Собранието помина со европско знаменце и за него гласаа 69 пратеници. Џафери кога зборува за одговорност на Иванов, кој пак одбива да го потпише закон за кој смета дека е неуставен, се повикува на овој член од Уставот, односно на ставот кој се однесува на непотпишувањето на указот по втор пат и кој вели дека Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
Еве што вели Уставот:
Член 75
„Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се
донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“