Законот за јавно обвинителство изгласан по повторување на гласањето, опозицијата побара пауза

Во повтореното гласање претениците го донесоа Законот за јавното обвинителство со 80 гласа „ за“ и 6 гласа „против“.

1592

Со задоцнување од час и половина, почна 135. собраниска седница што беше закажана за 11 часот. Седницата почна со гласање за Предлог-законот за јавно обвинителство при што 74 пратеници гласаа „за“, а 32 „против“.

Се слушна реакција на пратениците дека нивниот глас не е евидентиран.

Претседателот на собранието Талат Џафери побара повторно да се гласа при што процедурални забелешки побараа пратениците Лилјана Поповска од ДОМ и Ферид Мухиќ.

Поповска рече дека дел од пратениците се пожалиле дека гласањето не им било евидентирано.

Мухиќ ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

– Интегритетот е столб на државата. Најлесно се расипува интегритетот. Не плашете се онаму каде завршува стравот почнува слободата – рече Мухиќ.

По неговата дискусија Џафери повика пратениците да гласаат по што пратениците го донесоа Законот за јавно обвинителство со 80 гласови „за“ и 6 гласови „против“.

Откако Џафери констатира дека законот е донесен, Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница извикуваше „Криминалци“ и „Срамота“.

– Ова е класично кршење на деловник, на Устав. Констатиравте дека второто гласање е завршено и дека законот е донесен. Срамота е ова што го правите – рече Мицевски.

Тој побара првото гласање да биде важечко, а второто неважечко и побара пауза од еден час.

Џафери даде пауза од еден час.

Расправата за законот заврши во петокот, а гласањето беше оставено за денеска на последниот ден кога треба да се распушти Собранието поради парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...