Пратениците се пребројуваат за Законот за одбрана

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавија вчера за Плусинфо дека ќе се воздржат од гласање за системскиот Закон за одбрана. Спорно за опозицијата е преименувањето на Армијата во Армија на Северна Македонија.

390

Потребното двотретинско мнозинство за Законот за одбрана е неизвесено поради името Република Северна Македонија кое стои на законот. Владејачкото мнозинство очекува пратенциите од сите политички партии на денешната собраниска седница да покажат дека се за членство во НАТО и да го поддржат законот. Неодговорно е, велат, на последниот чекор пред НАТО да се тера партиска политика.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавија вчера за Плусинфо дека ќе се воздржат од гласање за системскиот Закон за одбрана. Спорно за опозицијата е преименувањето на Армијата во Армија на Северна Македонија. Сметаат дека таа измена може да се направи дополнително.

Не е исклучено потребните 80 гласа да се обезбедат со поддршка од независните пратеници што беа дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ако сите се залагаме за членство во НАТО, неопходно е да се донесе Законот за одбрана, кој е клучен за пристапувањето во Алијансата.

-Ќе биде неодговорно од сите нас да зборуваме за ратификација, а да не си ја завршиме домашната задача. Ова особено се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, кое молчи на оваа крупна тема. Без тој закон ќе биде неодговорно да се зборува за ратификација, а при тоа да не се завршува домашната задача. Владата е уверена дека ние ќе успееме да ја завршиме ратификацијата на нашиот НАТО протокол навреме – порача Шекеринска.

Со законот треба да се исчистат неусогласеностите и да се уредат обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО, односно преоѓањето од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.

Се уредува и процедурата за учество во мисии и операции на НАТО. Со измените на законот целосно се регулира прашањето за учество на цивили, вработени во министерствата за одбрана, за здравство и за внатрешни работи, како резервен состав, доколку самите изразат волја, желба и ако има потреба таков кадар да учествуваат во мисии. Сите наши учесници во мисии, без разлика дали се цивилни лица или припадници на Армијата, ќе ја носат униформата на С.Макеоднија, а обележјето ќе биде исклучиво знамето на државата. Во законот првпат се вградува принцип на правична застапеност.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, веќе доби зелено светло од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но без членовите од ВМРО-ДПМНЕ. Осум членови беа „за“, немаше против и воздржани. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата на почетокот на седницата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...