Новиот текст за законот за Јавно обвинителство, во кој Специјалното јавно обвинителство се интегрира во Јавното обвинителство за организиран криминал и копрупција, неделава, а мошне веројатно и утре ќе се најде пред пратениците во Собранието.
Дебата за новото СЈО стигна до законодавниот дом, откако претходно не успеа одржувањето на лидерската средба на која меѓу другото требаше да се расправа и за законот за ЈО.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски до последен момент, минатиот петок, не го смени ставот дека нема да присустува на лидерската, освен како што велеше, доколку на неа не се разговара за предвремени парламетарни избори, по што премиерот Зоран Заев излезе на прес-конференција и го најави новиот чекор во обидот да се донесе овој закон кој е еден од условите земјата во октомври да добие зелено светло за почеток на преговорите.
Новиот текст на законот, како што посочи Заев минатата недела во себе ги вклучува голем дел од забелешките на опозицијата, а тој тогаш кажа дека за иден шеф на новото СЈО ја предлага обвинителката Вилма Русковска. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се согласи со интегрирањето на СЈО во јавнообвинителскиот систем, но не се согласува тоа да биде предводено од Русковска.
Новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела теритоија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.
Заев истакна дека со ова решение ќе се обезбедат досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството. Тие одлуки ќе ги носи Советот за јавни обвинители.
Во текстот на законот е вградена одредба дека првиот човек на ова јавно обвинителство ќе може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот на јавни обвинители.
Висината на средствата за работа на ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција ќе се уредува на предлог буџет и финансиски план на шефот на оваа институција, кој потоа се доставува до јавниот обвинител на земјата и до Министерството за финансии, а Владата и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа.
– Откако Катица Јанева ја депонираше својата оставка и денеска го предлагаме овој текст, не гледаме избор од опозицијата да избегнува разговори и договори за ова прашање, освен ако нема намера и натаму да и нанесува штета на државата и да заштитува нечиј криминал – рече Заев.
Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки, велат од Министерството за правда.
Платата на шефот на ова Јавно обвинителство се утврдува на износ од пет отсто помала плата од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а платата на јавните обвинители во ова обвинителство е во висина на плата на шеф на раководител на вишо јавно обвинителство.
Со законот, велат од правда, е зајакната и личната независност на јавните обвинители и предвидена е гаранција согласно која јавните обвинители од ова јавно обвинителство не може да бидат времено упатувани да вршат јавнообвинителска функција во други јавни обвинителства.
Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.
Според Мицоски, предлог законот не е предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување обвинителство што ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод.
– Откако увиде премиерот дека ова постојно СЈО е компромитирано, пред сé, поради политичките влијанија кои тој и неговите луѓе ги вршат врз тоа обвинителство, дополнително притиснато од коруптивниот скандал во кој учествува првиот човек Јанева, тој практично го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да не се даде нов живот на тоа СЈО, туку да се формира ново обвинителство во рамки на постојното Јавно Обвинителство кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал. Но проблемот настанува кога Зоран Заев сака на сила да протурка решение кое би било ново СЈО затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од ова постојното СЈО, со задача да му помогне на Заев да остане на власт, исто како што му помогна да дојде – рече Мицкоски вчера во интервју за Република.
Запрашан зошто Рускоска е неприфатлива за нов јавен обвинител на тој нов оддел, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека таа е избор на Заев и персонификција на нестручно работење под политичка палка.
За министерката за правда, пак, Рената Дескоска, случајот „Рекет“ само го забрзало реализирањето на идејата да се интегрираат СЈО и ЈО.
Министерката Дескоска, викендов истакна дека идејата за интегрирање на СЈО во ЈО била ставена на маса од страна на Министерството, во преговорите со опозицијата за новиот закон за ЈО и вели оти очекува ВМРО-ДПМНЕ да го прифати законот предложен од Владата затоа што одделението за организиран криминал покажало дека може да се справи со случите на висока корупција.
Обвинителката Русковска, пак, вели дека не била консултирана за новиот закон за јавно обвинителство и била изненадена од објавата за него. Веројатно ќе има некои забелешки за законот кој се уште не го видела детално.
– Сметам дека Вишото обвинителство треба да ги застапува предметите на новото обвинителство пред Апелацискиот суд – рече Русковска.
Според неа, новото обвинителство може да го отвори од почеток предметот „Империја“.
За законот е потребно двотретински мнозинство, а премиерот Заев минатата недела посочи дека се е оптимист оти тоа ќе се постигне. Уште напомена дека е потребно законот да се донесе летово, најдобро овој месец, прашањето не смее да се пролонгира со оглед на тоа што очекуваме датум за преговори.
Законот за Јавно обвинителство и решавање на статсусот на СЈО, заедно со засилената борба против корупцијата е и едно од барањата на ЕУ за почеток на преговори за членство.