Законот за лекари на преглед кај јавноста и фелата

347
20121119 Monday 1034 plusinfo skopje ministerstvo za zdravstvo lekari doktori protest strajk

Министерството за здравство информира дека за нацрт текстот за Законот за лекарска дејност, кој е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, лекарската фела, невладиниот сектор и граѓаните може да достават свои забелeшки на текстот.

– Клучно во законот е што на лекарите им се остава можноста за саморегулација, што значително ќе го подобри квалитетот на услугите на лекарите, како и поголема контрола во рамки на системот на лекарската комора на лекарите и нивната практика. Со овој закон, во суштина се зајакнува степенот на издавање лиценци и ќе биде исклучено секакво влијание однадвор – се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Оттаму посочуваат дека лиценците за вршење лекарска дејност ги издава Лекарската комора, која води регистар и е евидентирана во Централниот регистар како правно лице.

– Лекарите за полагање стручен испит спроведуваат пробна работа. На лекарите со завршени петгодишни студии, пробната работа им трае една година, а за завршени шестгодишни студии пробната работа трае шест месеци. Лекарите специјалисти имаат право на дополнителна дејност, согласно прописите за здравствена заштита. Лекарската комора ги одредува цените на лекарските услуги заради заштита од нелојална конкуренција – се наведува во соопштението.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека со нацрт законот се утврдуваат сите права и обврски на лекарите, но и работата на Лекарската комора, издавањето и одземањето на лиценцата за работа, додавајќи дека со овој закон се прецизира и утврдува статусот на лекарите и лекарската професија, како и стручниот надзор на работата на лекарот, чување и унапредување на достоинственото и одговорно професионално однесување во работата со почитување на прописите, правилата на струката и кодексот на медицинската етика и деонтологија. Законот ги ограничува лекарите да не се дозволи нивно поврзување со комерцијални активности за лична корист.

– Изминатиот период, во неколку наврати се обезбеди значаен износ финансиски средства за зголемување на платите на здравствените работници. Во 2018 година се зголемени платите за 5%. Во јануари 2019 година, дополнително зголемување на платите – 5% за медицинските сестри, 10% за докторите специјалисти, а во септември 2019 година, 5% зголемување и за останатите здравствени работници. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурствата, ноќен труд и дополнителна работа на медицинскиот кадар. Сето ова, даде слика во која вкупните месечни приходи се зголемени за 40%, а некаде и до 50% кај дел од лекарите – се вели во соопштението.

Од Министерство истакнуваат дека нивна заложба е платата на лекарите наредната година да достигне 100 илјади денари и дека само на овој начин, ќе го вратат достоинството на здравствените работници и ќе им овозможат фер услови за работа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...