Од вкупно 109 пратеници кои гласаа, 69 се изјаснија дека има потреба за носење на Законот за ратификација на договорот со Грција, по скратена постапка. Против гласаа 40 пратеници. На седницата се појавија речиси сите пратеници, и од власта и од опозицијата.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров во објаснувањето на предлог-законот рече дека тие предлагаат да се донесе по скратена постапка бидејќи наредната недела заседава Советот на ЕУ. Тој посочи и дека граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдумот кој треба да се одржи, што е предвиден и со договорот.
Неговото обраќање од собраниската говорница беше проследено со негодувања од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои меѓу другото извикуваа и „предавник“.
Негодување со удирање по маса тие изразија и кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, кажа дека законот ќе оди во комисијата за европски прашања со која претседава Артан Груби од ДУИ.
Додека ВМРО-ДПМНЕ негодуваше, Џафери реагирираше и ги потсети дека неодамна донеле нов кодекс на однесување.
Координаторот на опозицијата, Драган Данев во неговото обраќање рече дека тие нема да учествуваме во оваа правна лакрдија што ја поддржува власта.
– Се работи за договор кој е капитулантски чин на владата сервиран пред нашите пратеници. Се работи за противуставен дговор, се врши измена на уставот, се менува идентитетот. Станува збор за едностран обврзувачки договор, македонската страна прифаќа целосен ултиматум и не се работи за двостран договор – рече Данев.
Тие бараа пауза и излегоа од салата, меѓутоа Џафери не им дозволи едночасовна пауза и го утврди дневниот ред на седницата.
Законот за ратификација на договорот ќе се врати на пленарната седница откако прво ќе помине на Комисијата за европски прашања која има три дена да го разгледува.
За ратификација тогаш ќе биде потребно обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.
По донесувањето од страна на Парламентот договорот треба да биде испратен до претседателот Ѓорге Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Ако Иванов, како што најави, не го потпише односно го употреби правото на вето, тогаш договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Роковите за ратификација на договорот течат ако се знае дека веќе следната недела треба да се одржи седница на Советот на ЕУ, од која Македонија очекува датум за почеток на преговори.