На 2 мај лани Собранието го донесе новиот Закон за високо образование. Овој закон, требаше да го подигне квалитетот, да ја зајакне автономијата на универзитетите, да ги тргне рацете на политиката од академската средина… Но, една година подоцна, роковите кои ги пропишува овој закон за формирање низа тела кои треба да го спроведат и да работат според него, се пропуштени.
Законот предвидува да се формира Национален совет за високо образование и научно истражувачка дејност, како и Агенција за квалитет на високото образование во која треба да влезат два одбора: еден за акредитација, еден за евалуација.
Законот почна да важи осмиот ден откако беше донесен, а рокот за формирање на овие тела беше една година од стапувањето на сила. На владини седници во ноември и декември лани, власта усвои информација за отпочнување постапка за формирање на Националниот совет односно на Агенцијата за квалитет. Но, денес по повеќе од една година од носењето на Законот ниту едно од овие тела не е оформено според условите и процедурите предвидени во новото законско решение.
– Телата се во фаза на конституирање. Процесот ќе биде заокружен во следните денови, а беше пролонгиран, пред сѐ, поради ограничувањата што ги наложуваше организацијата на претседателските избори. Исто така, со оглед на фактот што во овие органи и тела ќе членуваат претставници на сите засегнати страни, се чека и на номинирање претставници од страна на Интеруниверзитетската конференција. Владата има предлог и ќе номинира свои претставници – велат од Владата уверувајќи дека Законот целосно ќе се имплементира бидејќи цврсто стојан на определбата да се направат крупни промени во високото образование.
Реакција за пробивањето рокови вчера имаше и Младинскиот образовен форум (МОФ).
Едно од телата кои не е формирано, Националниот совет, треба да брои 15 члена, од нив Владата предлага шест, исто толку се на предлог и на Интеруниверзитетската конференција во која автоматски членуваат сите акредитирани универзитети во државата односно сите ректори, претседатели на студентските собранија, 20 редовни професори и еден директор на висока стручна школа.
Останатите три члена во Националниот совет се од МАНУ, од деловната заедница и еден студент од Интеруниверзитетската конференција. Ова тело ќе функционира како самостојно и членовите ќе бидат со мандат од 4 години без право на реизбор. Неговата надлежност ќе биде да го следи високото образование и дали се почитуваат меѓународните стандарди, а за тоа ќе поднесува и годишен извештај до Собранието, ќе изготвува Национална програма, како и правилници за стандардите за основање на факултети, студиски програми, но, ќе предлагаат уредби за мерила и критериуми за стипендирање на талентирани студенти итн.
Агенцијата за квалитет, пак, треба да биде друго самостојно тело со стручен кадар и администрација, ќе го раководи директор кој ќе се бира во Собрание, а ќе има и два одбори во неа, за акредитација и за евалуација. Двата ќе имаат по 15 члена, по шест професори предложени од Владата и од Интеруниверзитетската конференција, а другите тројца треба да бидат од редовите на МАНУ, од најрепрезентативната организација на работодавачи и еден студент од редовите на Интеруниверзитетската конференција.
Одборот за акредитација ќе дава одобренија за формирање на факултет, универзитет или висока школа, ќе ги утврдува капацитетите за студирање во нив, ќе одлучува за акредитација на студиските програми, на ментори за докторски студии, но и ќе носи решенија за одземање акредитации.
Одборот за евалуација, пак, треба да го оценува квалитетот на факултетите и универзитетите, односно научно-истражувачката и стручната работа на академскиот кадар, најмалку на пет години ќе ги оценува програмите на факултетите и ќе му предлага на одборот за акредитација дали да ја продолжи или одземе лиценцата.
Двата одбори на секои шест месеци ќе му поднесуваат извештаи на министерот за образование и истите ќе мора да ги објавува јавно.
Меѓутоа, формирањето на овие тела не е единственото доцнење. Од МОФ велат дека закочени се и другите процеси, како што е на пример, гласањето во Собрание за изменетите статути на универзитетите, кои ги променија согласно новиот закон.
– Па така, не само што универзитетите немаат студентско учество и студентски правобранители, туку немаат ниту соодветни статути усвоени од Парламентот и покрај тоа што навремено ги направиле промените согласно новиот Закон – реагираа од МОФ.
Од младинската организација потсетуваат дека законот пропишува и казни, но како што велат, надлежните институции не наоѓаат за сходно да се бават со високото образование, кое за жал, не оди во нагорна линија.