Законот за ветинг идната недела во Собрание, ќе куртулат актуелните функционери

И додека ветингот ќе треба да ги прочешла кариерите и на актуелните и на идните судии и обвинители, впечатливо е дека проверката дали некој е достоен за вршење на јавна функција, односно дали е корумпиран, или има криминално досие ќе важи само за идните функционери. Ова ќе значи дека актуелните политичари од шефот на државата, премиерот, пратениците, па сѐ до директорите нема да подлежат на ветинг.

1020

Пратеничката група на ДУИ ја подготви драфт верзијата на предлог законот за ветинг и тој идната недела ќе влезе во собраниска процедура, изјави за Плусинфо пратеникот Артан Груби. Ветингот во партијата на Али Ахмети е веќе спроведен и доколку предлог законот добие поддршка од пратеничките групи во Собранието ќе следи институционалната проверка.

Според Груби, дилемата која е отворена и за која ќе се консултираат со пратениците е прво, дали ветингот да го спроведува Комисија составена од пет члена или Агенција со директор, негов заменик и служба и второ, дали ветингот да важи само за идните функционери или и за актуелните. Проверка на кариерите на судиите и обвинителите ќе важи и за актуелните и за новите судии и обвинители.

Законот е правен по урнек на ветингот кој се спроведува во Литванија и во Албанија.

Законот предлага да се уреди условот со кој се врши проверка на кандидатите за носители на јавна функција, постапката за вршење на контрола, надлежноста, организацијата, функционирањето и укинувањето на Комисијата или Агенцијата за вршење на проверка на кандидатите за носители на јавни функции.

Проверката на кандидатите за носители на јавна функција, според предлог законот ќе се врши преку собирање, обезбедување и оценка на информации за секој кандидат за носител на јавна функција, од страна на Комисијата или Агенцијата, со цел граѓаните или органот, институцијата или одговорното лице кое треба да избере или именува носител на јавна функција да го провери кредибилитетот, интегритетот и достојноста на кандидатот и намалување на можноста за корупција. Проверката на кандидатот за носител на јавна функција се остварува без исклучок на општите и посебните услови определени во друг закон.

Ветингот ќе важи почнувајќи од претседателот на државата, пратениците, премиерот, министрите, замениците министри, градоначалниците, советниците… па сѐ до директорите на институциите и претпријатијата и членовите на управните и надзорните одбори.

Доколку се оди на варијантата ветингот да го спроведува Комисија, таа ќе биде составена од пет члена врз кои претходно ќе биде спроведен ветинг. Комисијата ќе се избира во Собранието по примерот на изборот на Антикорупциската комисија, а кандидатите за членови на Комисијата ќе треба да бидат лица со интегритет и дигнитет.

Размислувањата се дека агенција би била поефикасно решение за спроведување на ветингот.

И додека ветингот ќе треба да ги прочешла кариерите и на актуелните и на идните судии и обвинители, впечатливо е дека проверката дали некој е достоен за вршење на јавна функција, односно дали е корумпиран, или има криминално досие ќе важи само за идните функционери. Ова ќе значи дека актуелните политичари од шефот на државата, премиерот, пратениците, па сѐ до директорите нема да подлежат на ветинг.

Според Груби, првичниот предлог е ветингот да важи за идни носители на јавни функции за да не се пренатрупа Комисијата или Агенцијата со вршење проверка на актуелни функционери. Но, тој додава дека предлог законот може да важи и за актуелните функционери ако се согласат останатите пратенички групи.

Агенцијата или комисијата која ќе спроведува ветинг на кандидатите за носители на јавни функции проверката ќе ја врши преку прибирање податоци од УЈП, Антикорупциската комисија, обвинителствата, судството, Финансиската полиција. Наодите кои ќе ги добие за кандидатот ќе бидат јавно објавувани на веб-страницата на Агенцијата или Комисијата со што граѓаните ќе имаат целосен увид во кариерата на кандидатот за јавна функција.

Груби објаснува дека работата на Агенцијата или Комисијата нема да значи удвојување со веќе постоечки институции, како на пример Антикорупциската комисија, бидејќи Агенцијата проверката ќе ја спроведува пред кандидатот воопшто да стане функционер.

Тој додава дека ако предлог законот не добие поддршка во Собранието, ДУИ од институциите ќе бара проверка на своите функционери и кандидати за носители на јавни функции.

Партискиот ветинг во ДУИ утврдил дека мал дел кандидати не добиле виза од подограноците да бидат партиски членови. Меѓу тие што отпаднале имало бандити и зависници. Како дел од партискиот ветинг се толкува и неодамнешната одлука на Централното претседателство за прочистување на функционерите кои во повеќе мандати раководеа со општинските ограноци на партијата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...