Владата на денешната редовна седница донесе одлука на Собранието да му предложи Предлог-законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси да се донесе по скратена постапка и со европско знаменце.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, целта е законот да се донесе што е можно побргу со цел зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.
На седницата е утврден е и новиот текст на Предлог – законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
На предлог на Агенцијата за млади и спорт, Владата денеска го разгледа и донесе новиот текст на Програмата за развој на спорт и млади за 2019 година, како и Предлог – програмата за распределба на средства од игри на среќа и забавни игри за 2019 година за финансирање на националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт за унапредување на спортот во Република Македонија.
Владата денеска ги донесе и Програмите за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2019 година, и за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2019 година.