Предлог законот за амнестија за 27 април што го подготви опозициската ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не е стасан во законодавниот дом, велат од кабинетот на собранискиот претседател Талат Џафери.
Предложениот текст откако ќе биде разгледан, Џафери треба да го достави до пратениците.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека во текот на денов ќе го испратат предложениот закон за лицата од настаните од 27 април, за кој очекуваат да биде донесен по скратена постапка. Со овој закон, истакнуваат од партијата на Христијан Мицкоски, ќе се овозможи еднаква правда за сите. Ако пак, владејачкото мнозинство не го прифати предогот тогаш тоа ќе биде знак дека македонското правосудство поттикнува селективна правда и судење според двојни аршини.
Според ВМРО-ДПМНЕ селективната правда би се прекршила на грбот на оние учесници во настаните од 27 април кои не беа дел од сценариото во Собранието и гласањето за уставните измени, наспроти обвинетите пратеници. Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, пратениците со самото тоа што се обвинети не може да донесат одлука по сопствена волја за едно важно прашање како што е промената на уставното име и згора на тоа, ако власта го изигнорира опозицискиот предлог за амнестија, во судството ќе ги отвори вратите на селективната правда.
Социјалдемократите се категорични дека амнестијата на осомничени лица за тешки кривични дела е класичен упад во судството и дека помирувањето за кое претходно во Соранието зборуваше премиерот Зоран Заев, треба да се случи со посебна Комисија во која ќе учествуваат пратениците и собранискиот претседател.
Според пратеникот Костадин Костадинов, предлогот за амнестија на антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е брутален упад во правосудството.
– Како одговорна и државотворна партија се водиме да го почитуваме принципот на правна држава и во таа насока може да зборуваме за подавање рака, може да зборуваме за помирување, но никако не може да зборуваме за амнестија, која што де факто значи упад во правосудниот систем – оценува Костадинов.
Али Ахмети, лидерот на ДУИ, неодамна во гостување на „ТВ21“, говорејќи за крвавиот четврток изјави дека настаните од 27 април не биле тероризам.
Претходно, Ахмети во друго интервју рече дека Мицкоски од него не барал амнестија, туку да нема двојни стандарди преку изборниот процес.
На прашање на Плусинфо, дали Беса ќе поддржи амнестија за крвавиот четврток, портпаролот Орхан Муртезани вели дека сѐ уште немаат официјална информација за да можат да изградат став за ова прашање, но додава дека „се во постојана комуникација со коалицискиот партнер за градење заеднички став како влада“.