Законодавно-правната комисија заклучи дека нема основа за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, затоа што не може да се толкува член што не постои. Овој заклучок беше едногласно усвоен на денешната седница на Kомисијата.
Наспроти тоа, владата вчера ѝ препорача на Комисијата да даде автентично толкување на членот 11, што во 2009 година беше укинат, со измени на Законот за помилување што ги донесе тогашниот собраниски состав.
Законодавно-правната комисија смета дека Уставниот суд ќе го земе предвид тоа дека не може да постапува по член кој не постои во правниот систем на земјата.
Уставниот суд денеска не донесе решение за иницијативата за испитување на уставноста на Законот за помилување, со образложение дека ќе го чека исходот на барањето за автентично толкување.
Членот 11, кој во 2009 година беше избришан од Законот за помилување, му даваше можност на шефот на државата да даде аболиција без претходна постапка преку Министерството за правда. Уставниот суд, минатата, седмица, одлучи да поведе постапка за Законот за помилување, што се толкува како можност за враќање на колективната аболиција, што поранешниот претседател Ѓорге Иванов ја даде за случаите од „бомбите“, а која потоа беше поништена, со донесување нов член 11-а во Законот за помилување.
Тоа што Иванов ја, даде аболицијата без претходна постапка се смета за главен аргумент за тоа дека овој потег на експретседателот нема законска основа, со оглед на укинувањето на членот 11 од Законот.