Новинарот Бранко Героски попладнево доби извинување од скопјанецот, Борче Гиноски кој му се закани „со бањање во Вардар“. Извинувањето стаса преку Фејсбук профилот на Гиноски. Героски пак, на повик на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје бил на службен разговор со овластено лице.
– Се крена голема прашина за мојата порака упатена до новинарот Героски, кого го почитувам. Сакам најпрво да се извинам и да соопштам дека не беше во таа насока кажано, ниту имав намера да се заканувам, јас сум човек што за време на режимот на Никола Груевски многу луѓе сум се обидувал да ги заштитам од насилство. Героски е меѓу тие што беа напаѓани од поддржувачите на режимот и мојата порака беше во насока дека може токму од ВМРО-ДПМНЕ да биде нападнат, така делуваат они. Како и да е, настана недоразбирање, се извинувам лично до Героски и до јавноста, немам намера ниту некого да напаѓам ниту да навредувам, ја почитувам работата на новинарите. Повикан сум во партијата на разговор, ова ќе го соопштам и таму, но сакам јавноста да ја знае вистината, напиша Гиноски.
Утрово, Героски беше и во седиштето на партијата и кај претседателот Стево Пендаровски, а реакција имаа и ЗНМ, ССНМ и АВМУ.