Поранешниот стратег на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон, ќе се обиде да направи широк сојуз на националистичките лидери и партии во Европа, со цел на изборите во Европскиот парламент следната година да освојат доволно места за да можат да ги блокираат одлуките на проевропските партии, пренесува Танјуг.
Бенон, кој се залагаше за воспоставување нов политички поредок во САД пред да падне во немилост на Трамп, сега се обидува да ја врати старата слава, но во Европа.
Тој планира, како што тврди „Блумберг“, турнеја во неколку европски држави, со цел да ги намами популистичките лидери и партии во сојуз, што би им овозможило подобар резултат на изборите за ЕП во мај следната година.
Заедно со белгискиот политичар Мишел Модрикамен го формира блокот Движење, кој се залага за национален суверенитет, зајакнати граници, поголеми ограничувања по прашање на миграцијата и за борба против радикалниот Ислам.
Бенон сака да има доволно пратеници во Европскиот парламент, барем една третина, со исти уверувања, за да можат да ги блокираат проевропските групи.
Движењето ќе им понуди на партиите бесплатни услуги пред избори – анализа на податоци, анкетирања, праќање пораки и управување со проекти, но, како што се наведува, нема да влијае на изборот на кандидати и нема да наметнува политички платформи на партиите.
На Движењето засега му се приклучија ултрадесничарските италијански партии Лига и Италијански браќа.
Бенон и неговото Движење претставуваат „закана“ за францускиот претседател Емануел Макрон, кој најави дека ќе ги води проевропските партии против националистичките.
Модрикамен наведува дека ветувањето на Макрон за нив е „совршена работа“ и истакнува дека неодамнешните случувања во ЕП им помогнале на европските популисти, како минатонеделното гласање против премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, кое, како што вели, од него направи „исконски лидер“.
Најавите за поддршка на Движењето ја зголемува веројатноста дека во мај на изборите ќе дојде до голем судир на популистичките партии, кои веќе постигнаа изненадувачки успех во Германија, Австрија, Полска, Франција и Шведска, од една страна и либералниот естаблишмент, предводен од Макрон и лидерите на земјите од Бенелукс, од друга.
Бенон и Модрикамен планираат да одржат основачка конвенција на Движење во Брисел во ноември, а крајниот план е да имаат сојузници во сите земји на ЕУ.
ФОТО: EPA-EFE-MARTIN-DIVISEK