Кривична пријава за загрозување на сигурноста заработи гостиварецот кој телефонски му се заканил на потпретседателот на ДУИ и ексгостиварскиот градоначалник Невзат Бејта, велат за Плусинфо од тетовската полиција.
Бејта пред еден месец пријави во гостиварската полиција дека добил закани по живот.
Според информации на Плусинфо од партијата, заканувачот е внук на Бејта, но и братучед на директорот на Клиниката за тораковаскуларна хирургија, Неџати Јакупи. И.Ј. бил внук на Бејта од страна на мајка му и наводно заканата била поради стари кавги помеѓу Бејта и роднината.
Бејта пак, за Плусинфо негира дека заканувачот му е роднина и посочува дека тој е братучед на сопартиецот и директор Неџати Јакупи и дека заканата била поради изборот на Башким Хасани за нов претседател на гостиварскиот огранок на ДУИ.
– Секторот за внатрешни работи Тетово и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар по насоки и во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар изготви и на 8 ноември поднесе кривична пријава против гостиварецот И.Ј. поради основи на сомнение дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста. Пријавениот И.Ј. се сомничи дека на 27 октомври телефонски му се заканил по живот на гостиварецот Н.Б. – вели Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Бејта е потпретседател на ДУИ и во два мандата поранешен градоначалник на Гостивар.
Плусинфо веќе објави дека заканата до Бејта се случи во периодот кога ДУИ избираше претседател на гостиварскиот огранок. По неколку мандати Бејта повеќе не е прв човек на гостиварскиот огранок, бидејќи за претседател е избран Башким Хасани.