Заедно во радоста, сплотени во тагата

1762

Убаво е чувството овие недели. Се редат успеси и радости. Речиси победивме на Евровизија, Вардар стана ракометен шампион, уживаме на музички концерти на ѕвезди од светот, домаќини сме на НАТО самити, состаноци на Подгорички клуб на поранешни претседатели. Сето ова испреплетено со матурските веселби, како и големиот број на меѓународни посети и средби.

Народни прослави на сите страни. За жал, проткаени и со поделби по партиска и етничка линија. Поделени сме на присутни, отсутни и оние што бојкотираат. Нова мода која почнува да нѐ идентификува како општество.

И си го поставуваме по којзнае кој пат клучното прашање: Кој е виновен за ваквата состојба или кој прв почна овојпат да нѐ дели? Па мудрувања, делење совети, поделби на патриоти и предавници, Македонци и Албанци, скопјани и нескопјани, „северџани“ и „фиромјани“ итн.

Жално. Мачно да се гледа. Шака народ кои останавме да живееме на површина од овие 25.713 км2, граѓани кои како да почнавме да уживаме да се гледаме низ двогледот на поделбите, наместо низ призмата на заедничката перспектива и успеси. И секој за себе смета дека е во право, а другиот дека греши.

Често се обидувам заедно со медиумите да го свртам јавното внимание на оваа појава, најчесто преку разработката на теми поврзани со говорот на омраза. Според многумина присутен ексклузивно на социјалните медиуми. Според мене, присутен секаде. За да биде омразата распослана на социјалните мрежи, треба да дојде од устите и прстите на тастатурите на секој од нас. Говорот на омраза не се креира таму некаде во универзумот, туку во нашите глави. И, нели, секогаш ние сме безусловно во право. А, другите грешат, додека секој од нас е непогрешлив.

Ако сакаме да ги промениме работите на подобро, мора најпрво да ги земеме предвид следните две работи. Прво, секој смета дека го дава најдоброто од себе и дека постапува најправилно, па дури и кога шири говор на омраза и поделби. Едноставно е, дури и оние кои навредуваат по етничка основа се убедени дека прават добро за својата етничка заедница, најчесто уверени дека ја „заштитуваат“ својата заедница од останатите. Може да звучи страшно или шокантно, но таа е реалноста. И затоа ова е клучната работа која ние, а особено јавните институции треба да ја разберат за да можеме заеднички да ги менуваме работите на подобро.

Второ, сите сме еднакво вредни. Поминува и 21 век, а ние сѐ уште сакаме да живееме во елитистичките и класни филмови. Веруваме и градиме општества на привилегирани, и оние кои треба да им слугуваат на останатите. Според образование, имотна состојба, фамилијарно педигре, место на раѓање и живеење, облека… Не бидува така. Нашата земја е мала и тешко е да се изгради култ кон ѕвезди или познати личности како во големите земји како САД, Британија и слично. Во мали држави како нашата, големината на човекот се мери првенствено според човечноста, солидарноста, меѓусебната поддршка и почит. Бидејќи сите се познаваме меѓу себе, секој со секого е подалечен роднина и секојдневно се движиме на речиси исти места.

А, кога сме кај човечноста, овие недели стигна тажна вест дека исчезнувањето на Пино Секондо заврши како случај на убиство. За жал, згасна уште еден млад живот. Искрено сочувство до семејството и блиските. Во исто време, многу луѓе и во овој момент имаат потреба од нашите донации за покривање на трошоците за лекување на нивните деца и блиски дома или во странство.

Ги поставувам вака работите со надеж дека конечно ќе нѐ потсетат и освестат дека зборот човек потекнува од хуманоста и емпатијата како особини. Затоа да не се делиме и навредуваме во убавите моменти и прославите. Независно на кој музичар, клуб или етничка заедница е успехот или празникот, тој е празник на сите. Ако соседот се радува, потребно е да му се придружиме бидејќи на тој начин и ние ќе имаме дополнителна причина и повод за радост. Да не шириме омраза никаде, ниту на улица, на медиумите или кога сме во „комфорната зона“ на социјалните мрежи.

Бидејќи ако ги пропуштаме шансите да нѐ обединат моментите на радост, ќе остане да бидеме сплотени само во тагата.

А, ние заслужуваме многу повеќе. И го можеме тоа. Потребно е како личности да ја вратиме довербата во себе и едни во други. Свесен сум дека ова не е лесно. Но, секое „ама“ на ваквиот концепт ќе биде само алиби за продолжување со ширењето на поделбите и омразата од што сите ќе изгубиме. Затоа, да бидеме победници и дома. Не само во Тел Авив или во Келн.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...