Заедничко чествување на Гоце Делчев тема на македонско-бугарската комисија

На вториот ден од средбата предвидено е членовите на комисијата да дискутираат за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

140

Средниот век, Османлиската империја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев се темите за кои ќе разговараат членовите на Заедничката комисија меѓу  Македонија и Бугарија на деветтата средба, која ќе се одржи денеска и утре во Софија.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Охрид и на која се дискутираше по забелешките за учебниците по историја и усогласување на препораки како да се подобрат истите, како и за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

На првиот работен ден, како што информираа од Комисијата, предвидено е да се продолжи со дискусијата за учебниците по историја за седмо одделение според македонскиот образовен систем и шести клас според бугарскиот образовен систем, односно историјата на средниот век и Османлиската империја.

На вториот ден од средбата предвидено е членовите на комисијата да дискутираат за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

Оваа средба е шеста и последна средба за оваа година. До сега, Заедничката комисија има одржано осум средби и препорачано на владите на двете држави заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...