Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров заедно со министерот за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос, дадоа интервју во Вашингтон за PBS News Hour.
– Првата воена операција во историјата на НАТО беше извршена во нашиот регион во 1999 година, па така овој чекор во суштина ја проширува зоната на стабилност во регион што има потреба поголема стабилност и тоа нѐ прави сојузник на кој САД и другите сојузници можат да се потпрат. Носиме со нас и малку свежина во Сојузот затоа што долго време бевме надвор од него и знаеме колку студи надвор, па затоа сметам дека можеме да го внесеме тој ентузијазам и да го прошириме меѓу земјите-членки – рече Димитров.
Тој се осврна и на говорот на Столтенберг:
– Говорот во двата дома од Конгресот, на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, содржеше многу важен цитат. Тој изјави дека „Добро е да се има пријатели.“ И со оглед на тоа што живееме во време кога светот станува помало место и многу меѓусебно поврзано место, мошне е тешко да се соочуваме со големите предизвици од нашето време на национално ниво. Затоа тврдам дека дури и на најголемата земја ѝ се потребни сојузници, потребни ѝ се пријатели, но секако врз основа на важни начела. Сметам дека праведната поделба на товарот е едно важно прашање. Тоа беше прашање што се занемаруваше од серија претседатели на САД, а тоа е една важна порака и сметам дека посочува на тоа дека европските сојузници го носат товарот, дека сме мошне посветени да ги завршиме нашите обврски без разлика на тоа колку сме големи или мали. И не станува збор само за тоа да потрошиме доволно, односно да го постигнеме прагот од 2 проценти од БДП, на одбрана, туку станува збор за тоа да се осигуриме дека она на што го трошиме овој износ всушност е значајно за колективната безбедност на Сојузот – вели тој.
– Ќе бидеме дел од еден Сојуз каде што во дадено време, ќе се навратам на пораката на Јоргос околу потребата од дијалог, ќе треба да се смират обновените тензии што почнаа со Грузија и потоа Украина, но овој мост ќе мора да се изгради на важни столбови каде што меѓународното право ќе има големо значење. И сметам дека ние ќе помогнеме на свој начин, како 30та земја-членка во овој поглед – додаде Димитров.