Заедничка цел

Пцовките по Макрон и/или изјавите од типот дека ние сме ги направиле сите реформи во државата и ни преостанува само онаа во правосудството говори токму за ова суштинско неразбирање на процесите и состојбите кај нас наспроти она што Европската унија го бара од оваа држава.

237

ДИСФУНКЦИОНАЛНО ОПШТЕСТВО (3)

Една од битните „врзивни ставки“ во едно општество коешто сака да се смета за функционално се заедничките цели на неговите припадници, тоест граѓаните. И ние, формално, такви „ставки“ има(в)ме во изминативе триесеттина години, и тоа потенцирано најважни, суштински: членство во НАТО и полноправна припадност во Европската унија! Може некој да го одрече ова? Може, се разбира, зашто овие (барем) две генерални (и заеднички за сите) цели во изминативе години предизвикуваа (и сѐ уште предизвикуваат, иако сега прикриено) отворени кавги и импотентни дискусии, подметнувања, дури и озборувања пред странските партнери. Се нудеа дури и (смешни) алтернативни „концепти“ како супститут на усвоената генерална (не само политичка туку, велеа, егзистенцијална) линија на државата. Од друга страна, исполнувањето на овие витални за општеството/државата цели самите по себе наметнуваа сериозна стручна и политичка работа на повеќе клучни полиња, како и реализација на многу комплицирани (законски и други) обврски на коишто не баш сите – политички и граѓански фактори – беа еднакво подготвени да се посветат и да одговорат.

А мојов говор во минато свршено време апсолутно не треба да залажува: таквата состојба е актуелна и денес, од двете страни. Кога велам од двете страни мислам и на власта и на опозицијата, иако на страната на власта има многу, многу повеќе аргументи „за“ отколку против, додека во спротивниот табор речиси и да нема аргумент „за“! Се разбира, малку кој би можел да ги одгатне овие политички загатки на „за“ и „против“ кај двете страни бидејќи нештата сѐ уште се држат затворени во самите врвови на политичките партии иако генерално говориме за витални правци што го тангираат целото општество а не само неколкуте клучни политички партии.

Едновремено, се чини дека повеќето од нас главно овде ги земаат предвид партиите од македонскиот политички блок, додека оние од албанскиот изгледа ги гледаме како здраво за готово и безрезервно „за“ овие процеси. Во овој поглед сакам да потенцирам дека тоа не секогаш е баш така. Односно, тешко дека албанскиот политички блок може да се идентификува како нешто посебно различен од македонскиот во однос на овие две генерални политички цели коишто би требало да ги обединат аспирациите и кохерентноста на едно (функционално) општество. Зашто, да беше така, а имајќи предвид дека токму албанските партии се неодминлив партиципиент во сите досегашни македонски влади, нивниот придонес кон „општата кауза“ ќе мораше да даде многу, многу повидливи резултати! За жал, тоа не се случи/случува, односно секојдневието нѐ уверува дека не сме далеку од претпоставената вистина дека ситеполитички партии во Македонија, колку и да се колнат во нивните безусловни евроатлантски стремежи, во реалноста не ги испорачуваат очекуваните опипливи резултати! Се разбира дека за ова е неопходна поопсежна елаборација, па и со примери, но овде за тоа нема место. Меѓутоа, резултатот е евидентен, до денес тие општи стремежи сѐ уште се неостварени! Да, тие се на дофат на раката, недвојбено, особено членството во НАТО е речиси прашање на месеци, но секогаш останува да виси тезата дека целиот овој процес кај нас се влече повеќе од деценија и половина (од времето на добивањето на кандидатскиот статус, на пример), дека ако на патот на историската (и заедничка!) декларирана цел на ова општество се поставуваат намерни и некогаш непремостливи пречки и опструкции – погледнете ја актуелната блокада на важни закони во Собранието!!! – при што, ова исто така мора да се потенцира, се чини дека ние дури и денес не го разбираме целосно вкупниот опфат на клучните трансформации што мора да се имплементираат во ова општество за воопшто да почне некој од Европа да разговара со нас.

Пцовките по Макрон и/или изјавите од типот дека ние сме ги направиле сите реформи во државата и ни преостанува само онаа во правосудството говори токму за ова суштинско неразбирање на процесите и состојбите кај нас наспроти она што Европската унија го бара од оваа држава. Некој да помисли, па дури и да се осмели тоа јавно да го каже дека ние веќе сме ги завршиле реформите во, на пример, здравството, образованието, културата, јавната администрација, заштитата на животната средина, медиумите итн., говори за сосема замаглена, дури ирационална претстава за задачите што ја очекуваа(т) оваа држава и ова општество во целина! (Се разбира, јас би можел малку да шпекулирам и каде ќе нѐ однесеше онаа злосторничка коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, или дали ќе бевме и волку блиску до евроатлатските интеграции да не беа цврстите определби во надворешните политики на актуелниот премиер, но тоа сепак би биле само шпекулации, нели).

Е сега, некој ќе посочи дека политичките партии баш и не се репрезентативни претставници на општеството како целина. Можеби, ама во теоријата. Кај нас политичките партии се „всјо и всја“, тие се репрезентите не само на политичката мисла во општеството туку се и носители – или кочничари! – на сите клучни за државата/општеството процеси. А впрочем, зарем Македонија ќе се влечкаше толку децении низ беспаќата што наводно водат кон Европската унија? Отсуството на дијалог со останатиот дел на државата/општеството, пред сѐ, со компетентните стручњаци, професионалните здруженија и невладиниот сектор, нѐ доведе до овој ќорсокак на којшто многумина со години укажуваа(т). Наместо со нив, партиите водат дијалог со себеси или на себе сличните, се создаде еден затворен, замандален круг во којшто не пробива надворешно мислење, при што пред судот на јавноста се развива политикантски театар со неколкумина божем независни „експерти“ кои глумат „трето мислење“!

Општата конфузија на политичката и општествената сцена погодува единствено на коекакви самопромовирани „водачи на народот“ и партократските концентрични кругови околу нив од желни за власт персони без какво и да е знаење за елементарните потреби на државата/општеството. Слушајте го впрочем новиот „патриотски лидер“ како урла за ЕУ и некаков цивилизиран свет – сам господ знае за кој свет мисли, говори за принципи и (нај)квалитет заборавајќи го мракот, но и крвта што ги остави на оваа држава токму неговата партија.

Се ветуваат милијарди небаре ќе бидеме победници на некаква белосветска макси-лотарија, се гарантира инстант прочистување на воздухот … сѐ освен правна, демократска и цивилизирана држава. Впрочем, бројот на политичките партии во Македонија, констатиран одамна како „необјасниво“ огромен, говори за лукративноста на таа „професионална“ опција кај нас. Бидејќи сите регистрирани политички партии – при што, кај повеќето, ни потесното семејство не гласа за „лидерот“ – на еден или на друг начин се сервисираат од државниот буџет, а коалициите носат дополнителни финансиско-кадровски привилегии, тогаш е лесно објаснива таквата ориентација во македонското општество. Но затоа во сите други области освен политиката ни недостасуваат квалификувани стручни кадри: медицинскиот персонал оди во странство, стручноста во културата е на рамништето на 1945 година, децата во училиштата ги учи полуписмен наставен кадар итн.

Зборот ми е дека општеството јасно ги согледува ваквите поместувања во државата и следствено се (ре)организира во непродуктивна, нестручна, некомпетентна политикантска збирштина во потрага по лесна партиска заработувачка и по можност место во јавната администрација!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...