Заедниците под 20% бараат баланс при вработување, а кубурат и со настава на мајчин јазик

Оцената е дека актуелниот закон бил лош бидејќи не овозможува доволна функционалност и надзор на Агенцијата во делот на вработувањето според правична застапеност, образование на мајчин јазик, културата, употребата на симболи, но и во надзорот кој го врши Агенцијата.

252

Агенцијата за остварување на правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто (АОПЗ) добива надзорна функција, односно ќе може во целост да ја следи состојбата со исполнување на законските одредби за унапредување и заштита на правата на помалите заедници, но ќе казнува и ќе врши контрола за тоа како се трошат парите од Фондот кои ги користат здруженија и фондации за промоција на правата на помалите заедници.

Ова се дел од одредбите на новиот Предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во С. Македонија, а кој веќе е во собраниска процедура. Според Уставот, во овие заедници спаѓаат Турци, Власи, Срби, Бошњаци и Роми.

Со новиот закон треба да се зајакне остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на заедниците и промовирањето на меѓуетничкитете односи и општествената интеграција.

Од Агенцијата брифираат дека е подготвен нов закон бидејќи постоечкиот кој е донесен во 2009 година се покажал како нефункционален. Агенцијата првично пристапила кон измени на постојниот закон, но бидејќи се воспоставило дека актуелниот ќе треба да претрпи измени во повеќе од 30 отсто од содржината, се носи нов закон.

Оцената е дека актуелниот закон бил лош бидејќи не овозможува доволна функционалност и надзор на Агенцијата во делот на вработувањето според правична застапеност, образование на мајчин јазик, културата, употребата на симболи, но и во надзорот кој го врши Агенцијата.

Од таму брифираат дека со новиот закон ќе се добие пофункционална Агенција која ќе има поголема моќ во вршење надзор во спроведувањето на правата на помалите заедници.

Според Агенцијата, актуелниот Закон фигурирал само на хартија, но не обезбедувал спроведување на правата на помалите заедници. Така секоја година се соочуваат со проблеми кои заедниците го имаат со реализацијата на наставата на мајчин јазик. Или нема учебници на јазиците на помалите заедници или нема наставен кадар или како што велат, нема волја да се спроведе настава.

Проблем има и со вработувањето на припадниците на помалите заедници, односно со механизмот на баланс. Ова во превод значи дека ако за одредена позиција се бара да се вработи припадник од помалите заедници, многу од апликантите се пишуваат како Роми за да бидат вработени, а извисуваат другите заедници.

Проблем има и при употребата на јазиците и симболите во институции каде на некоја од заедниците тоа право според застапеноста и следува. Од Агенцијата велат дека обично припадниците на заедниците не можат да го остварат тоа прав бидејќи институцијата или општината нема доволно пари за материјалите да бидат и на јазикот на заедницата.

Новина е и дека првпат ќе се воведе контрола на парите од фондот за спроведување на посебни програми и проекти за остварување и унапредување на правата на припадниците на заедниците. Фондот користи буџетски пари, донации и други извори на финансирање. Се воведуваат и казни за здруженијата и фондациите.

Глоба во износ од 250 до 500 евра ќе треба да плати здружение или фондација корисник на средства од фондот доколку во рок од 30 дена не поднесе извештај за реализација на активностите и потрошените пари, а 100 до 200 евра за одговорното лице во здружението или фондации корисник на средства од фондот.

Здружението или фондацијата ќе треба да плати 1.000 до 2.000 евра ако ненаменски ги потроши парите, односно 200 до 400 евра ќе плати одговорното лице.

За потребата за носење на нов закон, во предлог–законот се вели дека во изминатите 10 години од донесување на законот и формирањето на Агенцијата, АОПЗ се соочила со недостиг на инструменти и можности за исполнување на со закон превидениот мандат. Посебен проблем претставува неможноста за обезбедување на следење, заштита и надзор врз спроведувањето на законите кои ги уредуваат правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во државата.

Новиот предлог добил поддршка од Европската комисија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...