Премиерот Зоран Заев денеска објави дека во Скопје, Кичево, Тетово и Битола десет илјади семејства ќе добијат по 1.000 евра за набавка на клима инвертери со што Владата ќе почне да ја спроведува првата фаза од планот за чист воздух и еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни уреди.
Премиерот инормираше дека Владата на вчерашната седница ја донела оваа одлука која се однесува на семејства кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што, како што рече, сериозно влијаат на загадувањето на воздухот.
Сите досегашни анализи, рече Заев, покажуваат дека најголеми концентрации на штетни супстанци во воздухот се случуваат во време на грејната сезона во зимскиот период поради што е донесена еколошката мерка за сувенционирање на 10 илјади семејства во прво време во четири градови во земјава.
– Греењето со инвертер клима уреди е најеколошки начин на греење и со сегашните цени е далеку најевтино. За 60 метри квадратни загревањето ќе чини 11.735, Овие градови како најпогодени од загадувањето се прва фаза, а понатаму ќе следуваат и други градови со висока емисија на ПМ10 и ПМ2,5 и јалерод диоксид. АД Електрани на Северна Македонија покажа високо чувство на општествена одговорност. Секое домаќинство ќе има 1.000 евра што е сосема доволно за оваа мерка. Понатаму ќе тежнееме да биде целосно елиминирано користењето на печки на фосилни, односно тврди горива, а во следните години да ги тргнеме тегобите во градите од загадениот воздух – рече Заев.
За да се оствари оваа мерка Владата му препорачала на Управниот одбор на АД Електрани (ЕСМ), во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди.
Истото акционерско друштво ќе треба да обезбеди пари и за јавна едукативна кампања за имплементацијата на мерката и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.
За да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, Владата ќе го покани Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, да номинира две граѓански еколошки организации да бидат вклучени во имплементација на оваа мерка.