Стоиме на своите ставови и ќе го отстраниме функционерот од сите обврски во партијата, рече премиерот Зоран Заев по информацијата дека новоосомничена во аферата „Рекет“ е потпретседалката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски.
– Стоиме на зборот од тоа нема бегање. Кога некое лице ќе биде осомничено или обвинето или слично тогаш ја применуваме мерката на санкциите која што значи времено отстранување на тоа лице се додека не ја докаже својата невиност. Вратите се отворени секогаш за сите. Така да навремено ќе ги соопштиме нашите ставови. Редно е да прочитаме да видиме за што е обвинето тоа лице и ќе ги дадеме нашето мислење за тоа. Дозволете да се информирам за тоа – рече Заев.
Тој потсети на ставот на партијата дека сите се еднакви пред законот.
– Ако сакаме да чекориме кон правна држава како што сите ја посакуваме, законот мора да важи еднакво за сите, никој да не се затскрива зад каква било партиска, општествена или друга функција. За да испратиме порака дека судиите и обвинителите треба да се водат од аргументите и доказите, постапките да се транспратентни и да се воспостави правен систем во кој граѓаните ќе веруваат како систем на вредности заснован на законите и Уставот – рече Заев.
Тој додаде дека кога влегол во прес-салата добил информација за последната изјава на јавниот обвинител, но не ги знае деталите и најави конкретен став за утре.