По жестоките реакции откако се објавија резултатите од скандалозниот Конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 година, премиерот Зоран Заев веќерва изјави дека дел од Конкурсот ќе биде поништен.
– Смешно и трагично е ако ви кажам дека ниеден документ по протокол нема доставено Џез фест, а го молеа. Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена. Освен за националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата. Но за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена – рече Заев, додавајќи дека со тоа испраќа порака до јавноста дека граѓаните се слушнати.
Министерот за култура Асаф Адеми, пак, во фејсбук-статус кој Министерството за култура го објави на својата веб-страница, напиша дека одлуките за секој проект се земени врз основа на предлог на професионалната комисија и дека во ниту еден случај, како што вели, тој не вршел никаков притисок за избор на некој проект.
„Моето мото „култура за сите“ беше без било каква етничка, политичка или религиозна предрасуда. Јас не сум од тие политичари што функцијата ја гледа како алатка за лично богатење. Во овој период најмногу се потрудив да ја зголемам транспарентноста, борбата против корупцијата и да не правам било какви разлики меѓу граѓаните на државата. За мене политичката функција министер не е света“, пишува во објавата на Адеми кој е службено отсутен од Македонија.