Премиерот Зоран Заев е следниот сведок кој го бара обвинителството да се појави во судница и да сведочи за предметот Таргет-Тврдина кој се однесува на незаконското прислушување.
Судењето требаше да продолжи во понеделник, но поради неможноста да се достави покана бидејќи утре е неработен ден, во договор со странките, судот го закажа следното рочиште за 24 октомври.
Сведочењето на Заев ќе следува откако денеска заврши со исказ поранешниот разузнавач и негов советник, Зоран Верушевски. До сега во овој случај сведочеа и двајцата свиракачи од УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски.
Во Таргет-Тврдина првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.