Заев: Ќе продолжиме да ја разубедуваме ЕУ низ пријателство

143

Премиерот Зоран Заев изјави дека ја прифатил поканата на италијанскиот премиер Џузепе Конте да го посети Рим, бидејќи смета дека италијанската иницијатива може да придонесе кон поскора промена на одлуката на Европскиот совет за датумот за преговори.

– Ја поддржувам секоја иницијатива која ќе придонесе да ја смени горчината од одлуката кај нашите граѓани, и веднаш ја прифатив поканата на премиерот Конте. Веројатно ќе разговараме за таа идеја. Знам дека Италија сака да организира една посебна иницијатива на следниот ГАК – Советот за општи работи на ЕУ, каде повторно ќе го отвори ова прашање. Наша определба останува сѐ повеќе и повеќе да докажуваме пред ЕУ колку беше историска грешка нивната одлука, а согласно тоа да се надеваме дека одлуката час поскоро ќе биде променета – рече Заев на новинарско прашање пред обраќањето на конференцијата на Светската царинска организација во Скопје.

Тој посочи дека има навистина добри релации со сите светски лидери и оти одлуката на Франција е нејзино внатрешно право.

– Колку и одлуката да не ни се допаѓа, тоа е нивно внатрешно право и право на ЕУ. Ние ќе го почитуваме и ќе продолжиме да ги разубедуваме, низ пријателство – вели Заев.

За договорите со Грција и Бугарија рече дека ќе бидат целосно имплементирани.

– Договорите се направени билатерално и се важни за нашата земја и за Бугарија и за Грција. Одржав состанок пред мојата посета во Брисел со сите институции каде има конкретни забелешки на имплементацијата. Мониторингот треба да стигне на крајот на месецот. Верувам дека стопроцентно ќе ги имплементираме договорите, бидејќи тоа е веќе закон – додаде тој.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...