Премиерот Зоран Заев вчера го барал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но тој бил зафатен, по што успеале доцна синоќа да се слушнат и се договориле за денеска повторно да контактираат ако може да се видат уште пред премиерот да отпатува на Самитот за Западен Балкан во Софија.
Мицкоски се врати од Италија и бараше лидерска средба за името.
Заев рече дека претседателот Ѓорѓе Иванов бил на пат во Турција ама се вратил, но министерот за надворешни работи Никола Димитров е во Холандија. Сепак, тој нагласи дека ако треба ќе откаже состаноци, ќе презакаже и ако треба ќе најде време да се сретне со Мицкоски уште пред да отпатува за Софија.
Таму, Заев очекува средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас од која очекува ако ништо друго, барем да ги потврдат постигнатите резултати на министрите за надворешни работи и ако може да ги договорат понатамошните насоки во кои ќе се движат преговорите.
Тој потенцираше дека би бил среќен да се постигне договор, но дека нема никаков краен рок за тоа.