Заев: Ќе обезбедиме средина која нема да ги осудува и дискриминира болните од ХИВ ВИДЕО

105

Крајно време е да обезбедиме средина која нема да ги осудува ниту, пак, ќе ги дискриминира лицата болни од ХИВ или од туберкулоза. Само на тој начин ќе гарантираме заштита и остварување на основните човекови права. Владата водена од концептот „Едно општество за сите“ вложува напори да создаде општество ослободено од предрасуди. Секој од нас е различен и посебен на свој начин. Болеста не треба да биде мерило за тоа каква е една личност.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на дводневниот 39. состанок на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза кој почна денеска во Скопје.

Тој посочи дека присуството на повеќе делегати од сите страни на светот укажува на фактот за почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство и за успешното справување со ХИВ вирусот и со туберкулозата како два големи здравствени, но и општествени проблеми.

– Во изминативе 14 години за борба против ХИВ и туберкулоза за Република Македонија се издвоени како фонд дури 34 милиони долари. Почнувајќи од оваа година Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена Владата за 2018 година издвои 1.5 милиони евра или три и пол пати повеќе во споредба со минатата година – рече Заев.

Со тоа, потенцира Заев, Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите против ХИВ и туберкулоза од страна на државата. Премиерот нагласи дека со овие средства Министерството за здравство создало услови да продолжи имплементацијата на сите превентивни програми кои во изминатите години се спроведувале токму со финансиска поддршка и помош од Глобалниот фонд.

– За одбележување е податокот дека програмите за превенција се направени и во текот на оваа година ќе се имплементираат заедно со претставници од 15 граѓански и организации на засегнатите групи на граѓани. Во нашиот регион се соочуваме со релативна нисна стапка на ХИВ и на туберкулоза. Токму ниската стапка на болни донекаде ни ја олеснува работата – со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме – рече Заев.

Тој додаде дека инвестирајќи во заштитата на долг рок ќе се спасат поголем број човечки животи. Според него, државното финансирање мора и натаму да се зголемува и на тој начин ќе гарантира долгорочна одржливост на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза и ќе опфатат поголем број на засегнати граѓани.

Министерот за здравство Венко Филипче презентирајќи дел од заклучоците кои произлегле од состанокот рече дека тој се одржал во време кога високата политичка заложба за превенција од ХИВ и туберкулоза е исклучително важна во Југоисточна Европа. Тоиј посочи дека во моментов земјите ја зголемуваат државната финансиска поддршка, додека Глобалниот фонд ги поддржува земјите со највисоки стапки на овие болести, а со помал економски капацитет.

– Бидејќи зајакнувањето на одржливоста е тековен процес, дијалогот од овој министерски состанок треба да продолжи во рамките и меѓу земјите на политичко и техничко ниво со вклучување на различни сектори, вклучително и засегнатите заедници и граѓанското општество – додаде Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...