Премиерот Зоран Заев ќе и наложи на трудовата инспекција да провери дали верските заедници ги почитуваат законските обврски и дали плаќаат даноци и придонеси.
Ова го истакна претседателот на Владата Зоран Заев, откако пратеникот Мухамед Зеќири на собраниска седница праша дали трудовата инспекција некогаш ќе влезе во Исламската верска заедница (ИВЗ) да провери дали им се плаќа инвалдиско и пензиско осигурување на имамите кои се жалат дека тоа не се прави.
Зeкири, праша дали поглаварот на ИВЗ е заштитена мечка.
-Ако сме сите исти, како Сулејман Реџепи од пред 80 години опстојува и покрај скандалите? Тој им се умилкува на сите власти. Работи незаконски. Тој се врати на чело на ИВЗ со калашникови и се постави за доживотен. Инститицијата ја претвори во свој пашалак. Тој е нечесен и криминалец поради начинот на кој раководи- рече Зеќири.
Тој го обвини Реџепи дека ги злоупотребувал визите за аџиите. Тие, како што рече Зеќири, се издаваат од Саудиска Арабија за одреден број верници, а тој ги наплаќа.
– Владата негува добар однос со сите верски заедници. Не сме надлежни, ниту сакаме, а и Уставот не дозволува инволвирање во внатрешните избори и уредувања, но тоа не значи дека некој може да биде надвор од Законот кога се работи за плаќање даноци, придонеси,… истакна премиерот Заев.
Давачките, потенцира, и чесниот пристап, мора да важат за секого, независно за која верска заедница станува збор, а резултатите од контролите ќе бидат јавно соопштени.
И МВР во овој сегмент води одредена истрага врз основа на пријави што дополнително, истакна премиерот, ќе даде одговори.