Заев ќе ги „смете“ директорите наредната недела, министрите ги чува за крај

3961

Замислите за реконструкцијата во Владата биле завршени, но неизвесноста околу датумот за преговори прави парламентарното мнозинство да не е толку спокојно дека ќе успее да се одржи ако не добиеме датум за преговори, порача премиерот Зоран Заев, кој рече дека затоа испратил сериозна порака за можно враќање на мандатот.

– Тоа значи отворање на различни можности, прво дебата во кој правец да се движиме и тоа е случај ако не се донесе одлука ова лето. Секако ќе ги видиме и основите од разговорите со Меркел, ние сме во постојана комуникација со лидерите во земјите – рече Заев.

Сепак, тој најавува дека ако сѐ биде во ред може да се очекуваат првите промени уште на наредната седница.

– Реконструкцијата е одложена, зашто ако се случи мое враќање на мандатот тогаш таа е беспредметна. Ако останеме на реконструкцијата, верувам дека до половината на месецот или до крајот на јуни ќе се случи поради тоа што немаме многу време за губење. Плановите се ако сѐ биде во ред идната седница веќе во делот на директорските места во државата да се случат одредени промени, така што продолжуваме со тоа што е најавено за да може министерските места да останат за самиот крај – порача премиерот.

Заев овие најави ги испрати откако посочи дека засега има позитивни одлуки и од Франција и од холандскиот парламент, а најголема помош периодов има од Грција и Бугарија, но и од Хрватска и од Романија како актуелен претседавач со ЕУ. Тој порача дека не бараме веднаш да влеземе во ЕУ, туку само датум кој ќе нѐ мотивира.

– Ние не сакаме, не очекуваме уште сега да бидеме членка на ЕУ, туку очекуваме датум за да продолжиме понатаму за да си го подобриме општеството дома. Да, тоа најмногу зависи од нас, но зависи дефинитивно од мотивацијата која моќта на атракцијата на ЕУ ја дава на граѓаните, на институциите и на нас политичарите – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...