Нема услови за консензус и лидерска денеска попладне нема да има, соопштија од кабинетот на премиерот Зоран Заев кој денеска во 14 часот ќе излезе на прес-конференција во Владата.
Оттаму велат дека Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја.
Заев во понеделникот од прес-конференција ги покани по Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Зијадин Села на лидерска за три теми: Законот за јавно обвинителство, пописот и Изборниот законик. Меѓутоа, Мицкоски одби велејќи дека лидерска е потребна само за предвремени избори.
„Овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел“, велат од Владата за важноста на Изборниот законик.
За Законот за обвинителство, од Илиденска бр.2, го призиваат Мицкоски дека наместо да прифати дека е време за договор во корист на правната држава и владеењето на правото, тој и натаму останува на позициите да го брани криминалот на неговите претходници и политички ментори.
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не може да ја препознае ниту суштинската важност за консензус дека пописот не треба да се политизира и дека сите политички партии треба да се обврзат дека ќе ги овозможат сите услови да се реализира успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика“, посочуваат од Владата.
Заев, потенциаат отаму, е подготвен да прифати сугестии и предлози за овие теми, но нема да прифати ултиматуми кои ја блокираат државата.