Заев: Фалеа разговори за некои периоди затоа не објавивме бомби за А1

727

Премиерот Зоран Заев на крајот на неговото сведочење за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ најави дека како оштетен се приклучува на кривичниот прогон, но нема да бара никаква отштета.

Од обвинетите само поранешната министерка Гордана Јанкулоска имаше прашање за премиерот барајќи да објасни што мислел кога во еден дел од сведочењето кажа дека недостигале разговори од одредени периоди.

– За да дадам прецизен одговор, а да не влијаам негативно, ќе кажам дека при објавувањето на разговорите од СДСМ објавивме случаи во кои недвосмислено се гледаше целината од почетокот до крајот на одредена комуникација поврзана со одреден можен криминал или незаконско дејствие. Не објавивме разговори кои поврзуваат индиции за одреден случај во кој беше логично дека не ги поседуваме целовитоста и целокупните комуникациите кои се однесуваат на таков случај. На пример, не објавиме разговори за случајот затворање на А1 ТВ затоа што во тој период имаше цела празнина на денови за кои не ни беа доставени материјали. Постоеја денови кога воопшто немаше кај нас материјал што потврдува дека во тие денови имало незаконско следење. Пример имате од 1 до 17 во месецот, а гледате дека за 18,19 па се до 24 ти во месецот воопшто нема материјал. Јас по мое сопствено убедување заклучувам дека не било возможно сто процентно да се земат сите материјали и да се донесат во СДСМ односно дека само во одредени периоди луѓето кои ги доставувале материјалите можеле тоа да го направат – појасни Заев.

Адвокатите и другите обвинети немаа прашања за премиерот затоа што сакаа да добијат записник на писмено за да можат да го анализираат денешното сведочење и да постават прашања. Судијката им понуди да направат пауза да им дадат записник и да продолжат со цел денеска да завршат со овој сведок, но тие одбија.

Ниту судечкиот совет немаше многу прашања за Заев. Единствено судијата Владимир Туфегчиќ го праша дали во разговорите кои денес се објавуваат на интернет, Заев препознава некои односно дали се истите што порано ги поседуваше и СДСМ.

– Не можам да потврдам дека ги препознавам оти не го разбирам албанскиот јазик, а не посветив внимание на целосно преслушување на тие разговори кога беа во СДСМ – одговори Заев појаснувајќи дека водел грижа за безбедноста на материјалите и затоа не ги слушал тие кои биле на албански јазик. Селектирал само некои и ги давал на висок член во партијата кој го разбира албанскиот јазик за да ги преведе.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...