Премиерот Зоран Заев утре ќе го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата и при тоа ќе ги соопшти деталите околу имињата и ресорите. Предлогот треба да биде усвоен на собраниска седница во наредната седмица.
– Нашата земја денеска, утре и во недела претпладне е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд. Сакаме да се покажеме во најдобро светло и тоа е главната причина. Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата – изјави Заев, вчера одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата во Бирото за метрологија.
Паралелно со ова, најави дека се работи и на вториот бран промени со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.
Во однос на промените што се прават внатре во Социјалдемократскиот сојуз, Заев информира дека останува да се именуваат потпретседателите на партијата и уште 20-тина претседатели на општинските организации на партијата.
– Верувам дека до крајот на месецот СДСМ ќе ги донесе одлуките за избор на потпретседателите на партијата и мал дел на претседатели на општински организации кои останаа неизбрани – изјави Заев порано неделава, и посочи дека промените се неопходни.