Заев утре на Централен одбор ќе ги информира своите за името

680

Централниот одбор на СДСМ, утре ќе се собере на седница, на која се очекува партискиот лидер и премиер Зоран Заев да ги информира сопартијците за најновиот развој на настаните околу преговорите за името, што се очекува да финишираат деновиве со решение за долгогодишниот проблем, пишува Независен.

Со оглед на проценките дека кај раководството, како и кај голем дел од членството на владејачката партија, постои расположение за надминување  на спорот кој ги блокира евроатлантските перспективи на државата, не се очекува поголем отпор за етапите што следуваат во насока на конечно решение на проблемот со Грција и овозможување реален почеток на проговорите со ЕУ и полноправна интеграција во НАТО.

Во тој дел, Заев би требало да ги избрифира сопартијците за тоа како и кога би се спровел референдумот за името и во колкав обем би биле уставните измени за имплементација на предлогот што сега се спомнува како најверојатно решение “Република Северна Македонија“ . Од заседанието на највисокиот орган на СДСМ меѓу два конгреса се очекува да произлезе и проценка како решавањето на долгогодишниот и деликатен спор ќе се одрази на позициите и на рејтингот на владејачката партија и дали ќе влијае на односите во коалицијата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...