Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше средба со амбасадорот на Француската Република во земјава, Кристијан Тимоние.
На средбата е констатирано дека Франција е голем пријател на Северна Македонија и дека искреното пријателство помага во демократските и интеграциските процеси на нашата држава, информираа од Владата.
Премиерот Заев информираше за споделената определба со францускиот премиер Едуар Филип во Познањ, Полска, да се интензивираат и билатералните односи меѓу двете земји, со унапредувања во повеќе области, меѓу коишто и економијата.
На состанокот со францускиот амбасадор е разговарано и за имплементацијата на потребните реформи и за важноста од покажување одговорност од страна на сите политички субјекти и општествени чинители, за прашањата од државен интерес.
– Силно сме посветени на практична имплементација на сите донесени закони и реформски чекори. Нашата определба како Влада е, во следниот период, заедно со опозицијата, уште пофокусирано да се посветиме на решението за Законот за јавно обвинителство. Ефикасно правосудство и борба против корупцијата се двете важни области за нашата држава, којашто е европски определена и очекува исчекор во октомври во делот на евроинтеграциите – рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев, разговараше со францускиот амбасадор Тимоние и за економските чекори што ќе се преземат со цел зголемување на платите и пензиите и поголем економски раст, за граѓаните да почувствуваат скорешни директни бенефити во квалитетот на живот.