Премиерот Зоран Заев тврди дека владејачката коалиција е создадена на здрави програми и основи и, како што вели, постигна сериозни успеси.
-Ние решивме меѓународни прашања, ја интегриравме земјата, направивме серозни домашни реформи и економски успеси – изјави денеска премиерот.
Тој додаде дека во изминатите две и пол години, владејачките партии, сепак, наидувале на различни ситуации.
-Можам да кажам дека за голем дел од прашањата или за најголем дел од прашањата градиме заеднички политики и заедно гласаме. За еден дел од прашањата гледате дека и во самиот состав на коалицијата на СДСМ од 2016 година, онаа што беше иницијалната коалиција, имаме понекогаш различности по одредени прашања – истакна Заев.
Тој посочи дека заедно го утврдиле предлогот за главен државен, додека во последен момент поминал само кандидатот Албанец за Судски совет, а македонското име не поминало.
-Не знам зошто тоа. Јас не знам ни кои се кандидатите. Парламентот распишува конкурс, но и за одредени други работи доаѓаат сигнали што ние ги анализираме и ќе провериме што во суштината се случува – рече Заев.
Тој посочи дека на ниво на влада функционираат, информирајќи дека денеска е утврден дополнетиот буџет и е вратен во Собранието.
-Заедно, на затворена седница, ги утврдивме предлозите до претседателот на државата за 21 амбасадор и тие ќе бидат денеска доставени. Едногласно беа донесени одлуките. Не зборувам само за ДУИ, туку за сите партии кои партиципираат во владата. Но веројатно изборите си прават свои, така да ги кажам, себични стојалишта на политичките субјекти во делот на нивното позиционирање пред самите гласачи. Секој го има тоа право. Јас додека функционира коалицијата, сакам да функционира, да опстои и да си ја заврши работата до самиот крај, а правото на определба на секој политички субјект како ќе се постави тоа е негово право. На крајот на денот нели рековме на изборите граѓаните ни укажуваат што тие очекуваат за иднината на државата и преку кои личности, политички субјекти тоа го очекуваат. Како ќе ги дефинираат своите гласови на самите изборни процеси односно зависно кој ќе победи на самите избори така ќе се градат и коалициите – изјави Заев.
Многу често, како што нагласи премиерот, не значи дека само победниците можат да формираат влади заради тоа што ако се програмски различни, ако се навистина раскарани имаат проблем, тогаш не може да успеат во коалиции.
Во изминатите денови, претставници на СДСМ и на ДУИ во повеќе наврати излегоа со различни позиции во однос на тоа како треба да се постапи со забелешките од Венецијанската комисија за Законот за јазици. Денеска, пак, ДУИ, со пет илјади амандмани, го „нападна“ предлогот на помалите парламентарни партии за воведување една, наместо шест, изборни единици за престојните парламентарни избори, кој, пак, беше прифатлив за СДСМ.