Заев: Стаменковски ќе си оди од Судот затоа е ангажиран како советник

583

Горан Стаменковски по образованието што го има во делот на социјалната политика има намера да излезе од Судот и затоа е ангажиран како советник, рече премиерот Зоран Заев за ангажманот на судскиот службеник како надворешен соработник за социјална политика. Тој додаде дењка Стаменковски може многу да помогне во социјалните аспекти во државата и затоа му е дадено тоа место.

Заев посочи дека Стаменковски е административно лице во Судот и нема одлучувачка позиција, бидејќи не е ниту судија, ниту поротник.

– Стаменковски по образованието што го има во делот на социјалната политика има намера да излезе од Судот и затоа е ангажиран како советник и верувам дека некогаш ќе работи на својата професија. Тој не е одлучувачко, туку административно лице во Судот и нема одлучувачка позиција – рече Заев.

Премиерот додаде дека со Стаменковски се запознал за време на „Шарената револуција“ и бидејќи неколку пати бил сликан до него на протестите имал непријатни моменти од поранешниот претседател на Судот.

– Неговиот пекол почна кога се појавија слики со мене од Шарената револуција, каде што тој како граѓанин и јас како политичар протестираме по улиците во Скопје и оттогаш се сите негови измачувања, како што самиот кажува. Јас му верувам и од тогаш станавме пријатели – рече Заев.

Горан Стаменковски имаше судски спор со поранешниот претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски, и ја доби тужбата за мобинг која ја поднесе откако беше разрешен од функцијата поради присуство на протестите на Шарената револуција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...