Претседателот на СДСМ Зоран Заев попладнево оствари средба со претседателите на партиите кои се дел од коалицијата предводена од СДСМ.
– Ова е почеток на создавање на најголемата коалиција во историјата на независноста па до денес, која ќе излезе на изборите и ќе понуди програма што овозможува продолжување на напредокот и процесот на интеграции. Во пресрет на предвремените парламентарни избори ова е прва средба со сите коалициски партнери на СДСМ кои активно учествува во градењето и реализацијата на мерките и политиките што се во интерес на граѓаните. Она што досега го спроведовме наиде на широка поддршка од граѓаните и од други политички субјекти така што тоа дава за право да веруваме дека коалицијата може да се прошири дополнително – посочил Заев на средбата.
Коалициските партнери, како што соопшти СДСМ, заеднички заклучиле дека досегашната соработка во делот на остварување на програмските определби е успешна, оти по години стагнација денес државата е на прав пат, дека се спроведуваат мерки во интерес на граѓаните и сето тоа, како што посочиле, отвора можности оваа коалиција дополнително да се зголеми со нови партнери.