Заев: Со новата формулација на членот 49 се даваат гаранции за заштита на идентитетот

416

Собраниската Комисија за уставни прашања ја почна расправата за четвртиот и последен нацрт-амандман, односно за амандманот 36 со кој се предлага да се замени членот 49 од Уставот, што произлегува од потребата за имплементација на Договорот од Препа меѓу Македонија и Грција.

Со нацрт-амандманот, како што појасни премиерот Зоран Заев, се предлага и се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ, како и заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Тоа се прави на начин кој нема да предизвика нови кавги и проблеми со соседите, туку ќе гради трајно пријателство.

– Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со кој треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Согласно  Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот да не може или не треба да се толкува на начин што претставува или кога било ќе претставува основа за мешањето во внатрешните работи на другата држава во каква било форма или за каква било причина, вклучително и заради заштита на статусот и правото на кој било лица кои не се нејзини граѓани, рече премиерот Заев.

Со новата формулација на членот 49, потенцира, се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет.

-Идентитетот на македонскиот народ е заштитен. Нема да има никакви промени во идентитетот. Се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет. Овој став е на предлог на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Драго ми е што доаѓа вака надополнет зашто во последните неколку месеци тоа беше една од најотврените точки за дебата во земјава. Со тоа го затвораме и ова прашање со уште еднаш гарантирање на македонскиот идентитет во Уставот, рече Заев.

Toj нагласи дека внесувањето во Уставот на дополнителна заштита на македонскиот идентитет не е на сметка на другите заедници, бидејќи во членот 48 веќе има силни гаранции за иднетитетот на заедниците.

Со уставните амандмани, како што кажа, решаваме 2,5 децениски спор за да ја извлечеме нашата земја од стегите на изолацијата.

Претникот Фадил Зендели од БЕСА рече дека дијаспората не е само македонска, туку е и на другите етнички заедници.

– Не може припадниците на другите етнички заедници да се третираат како граѓани кога се во странство. Мора да се најде формулација како да се гарантираат нашите права како Албанци од Македонија кога сме во странство. Треба да има посебна формулација и за дисјаспората од другите заедници, а не само за македонската, рече Зендели.

Во реплика премиерот Заев му одговори дека Уставот потенцира дека државата води грижа за сите граѓани и го почитува идентитетот на сите свои граѓани дома и во странство и додаде дека заедно со експертите ќе го разгледа барањето за да не му се предизвикува непријатно чувство или чувство на нееднаквост на ниту еден граѓанин во нашата земја кога, како што рече, нашата земја води грижа за него во државата или кога е надвор од земјата.

Хари Локвенец од СДСМ рече дека смета оти е вистинско решение предлогот на новата пратеничка група од опозицијата за зачувување на македонскиот идентитет преку негово спомнување во амандманот.

– Со амандманот покажуваме дека македонските црвени линии се заштитетни и дека е заштитен македонскиот народ и идентитет, рече Локвенец.

Независната пратеничка Нола Исмајловска Старова посочи дека во Грција е дискутабилно спомнувањето на македонски народ, а тоа, како што кажа, го потврдил и потписникот на Договорот од Преспа, Никос Коѕијас.

– Добро е што со Договорот првпат се прифаќа постоењето македноска нација и македонски јазик од грчка страна. За да гласаме многу е битно да стои дека Договорот ќе биде ништавен доколку Грција не го исполни во целост, рече Исмајловска Старова.

За дискусија се пријавени вкупно 12 пратеници, а досега своето право на говор го искористија седум. Расправата ќе продолжи по едночасовната пауза.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...