Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил повика на масовна излезност и на демократски и успешни претседателски избори.
– Исходот на овие избори во огромна мера ќе влијае дали и со колкаво темпо ќе продолжиме да се движиме напред. За да имаме европски животен стандард, европски плати, европско образование, за да ја потврдиме стабилноста на државата, за да живееме спокојно, еден е патот – тоа е Напред, напиша Заев на Фејсбук.
Тој ги повикува Македонците, Албанците, Турците, Србите, Бошњаците, Ромите, Власите, од сите социјални групи, политички определени, неопределени, поединци, групи, да не ја пропуштат оваа граѓанска должност.
– Со гордост и со пенкало, на гласачките места, на изборите, направете избор и донесете одлука. И нека не оди во празно вашиот глас. Да испратиме уште еднаш јасна порака, дека сме цврсто определени за прогресивните концепти: едно општество за сите, членство во НАТО и ЕУ, економски развој, затоа што тоа е единствената успешна опција за успех за сите граѓани и за нашата држава, напиша премиерот.
Според него, се другo би значело нови застои, неизвесност и ризици за иднината и оти одговорноста на овие избори е на сите нас и тоа бара акција и одлучност.
– За европска Република Северна Македонија, да избереме европски претседател. Заедно да го избереме Стево Пендаровски кој води Напред!, додаде премиерот Заев на својот Фејсбук профил.